• сабота, 23 ноември 2024

Северна Кореја истрела два балистички проектила

Северна Кореја истрела два балистички проектила

Пјонгјанг, 19 јули 2023 (МИА) - Северна Кореја рано утринава лансираше две балистички ракети во правец на исток и, се чини, дека двете паднале надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија, изјави јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада, јавуваат агенциите.

-Првата ракета достигна височина од 50 километри и имаше дострел од 550 километри, додека втората прелета 600 километри исто така на височина од 50 километри, изјави Хамада.

Јапонија, преку свои дипломатски канали, вложи протест против лансирањето на ракетите, додаде тој.

Лансирањето се случи речиси една недела откако Северна Кореја ја тестираше својата најнова интерконтинентална балистичка ракета, Хвасонг-18, во тоа што Пјонгјанг го опишува како предупредување до САД и другите противници.

Денешното лансирање балистички ракети доаѓа само еден ден откако американска подморница со балистички проектили со нуклеарен погон влезе во територијалните води на Јужна Кореја, за прв пат од 1980-тите, пишуваат британските медиуми.

Лансирањето од Северна Кореја претходно беше потврдено од Јужна Кореја. 

Односите меѓу двете Кореи моментално се на мртва точка, додека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун повикува на забрзан развој на оружјето, вклучително и нуклеарното. Како одговор, Сеул и Вашингтон ја зајакнаа воената соработка, пренесуваат француските меидуми.

Американски војник, кој се соочува со дисциплинска постапка, вчера побегна преку меѓукорејската граница во Северна Кореја. Се верува дека војникот е во притвор во Северна Кореја, соопшти Вашингтон, што отвора нова криза меѓу двата непријатела.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан