• недела, 22 декември 2024

„Рамо до рамо до победа“ во Кочани, Берово, Штип и Делчево: Градиме стабилна и развојна економија, атрактивна за странските компании

„Рамо до рамо до победа“ во Кочани, Берово, Штип и Делчево: Градиме стабилна и развојна економија, атрактивна за странските компании

Скопје, 5 мај 2023 (МИА) - Теренските активности на СДСМ, „Рамо до рамо до победа“ продолжија и денеска со средби во општините Кочани, Берово и Штип.

- И во време на светска економска криза покажавме дека преку успешни политики можеме да градиме стабилна и развојна економија, атрактивна за странските компании и економија која гарантира подобар живот за нашите граѓани, истакнал потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи, кој остварил средби со граѓаните на Кочани.

Битиќи, соопштија од СДСМ, нагласил дека добрите политики за креирање на предвидлива бизнис клима која е важна за инвеститорите, членството во НАТО и без скапи роад шоуа, лани резултирале со историски рекорден износ на странски директни инвестиции во државата во износ од 753,8 милиони евра.

Членот на ЦО на СДСМ, Љупчо Николовски и портпаролката Богданка Кузеска денеска биле во Берово.

Николовски пред присутните говорел за политиките на СДСМ во земјоделството и нагласил дека субвенциите се исплаќаат редовно и навремено и дека првпат е воведена авансна исплата на дел од субвенциите.

- ИПАРД е нашата успешна приказна, со која сите треба да се гордееме. Една мала земја како нашата успеа да се избори за лидерското место во регионот, имаме инвестиции колку Срвија, Црна Гора и Албанија заедно. Имаме искористеност на европската програма ИПАРД 2 од 98 проценти, со склучени 2.369 договори, кои значат зголемено производство, нови вработувања поголем рурален туризам и зголемена домашна економија, нагласил Николовски.

Пред граѓаните на Берово, Николовски најавил дека започнува програмата ИПАРД 3, со која во модернизација на македонското земјоделство ќе влезат 128 милиони евра, а 17 милиони евра во општините за развој на руралната инфраструктура.

- Ова е потврда и најсилен доказ зошто сме и зошто треба да останеме на европскиот пат, порачале Николовски и Кузеска во Берово.

Како дел од караванот „Рамо до рамо до победа“ денеска секретарот за меѓународна соработка Бојан Маричиќ бил  меѓу граѓаните на општина Делчево каде зборувал за придобивките и важноста од процесот на преговори со ЕУ.

- Денеска на Денот на македонскиот јазик добро е да се потсетиме токму СДСМ со своите одговорни државотворни политики, успеа македонскиот јазик да го унапреди и заштити и во ЕУ. Потпишавме Договор со Фронтекс кој е прв договор потпишан на официјален македонски јазик, без фусноти и додавки, рамноправен со сите јазици на Унијата, со тоа пропаднаа во вода сите лаги на опозицијата дека јазикот нема да се нарекувал македонски. Го продолжуваме процесот на преговори на македонски јазик, европските вредности и стандарди ги носиме дома и продолжуваме да работиме посветено за да ја реализираме стратешката цел – членство во ЕУ, порачал Маричиќ.

Во општина Карбинци бил членот на Извршниот одбор на СДСМ, Никола Рилак кој истакнал дека оваа грејна сезона била најуспешна досега, со рекорден раст на производството на струја од 45 отсто со што се демантирале лагите на опозицијата дека енергетскиот сектор ќе доживеел колапс.

Со граѓаните на Штип денеска бил претседателот на СДММ Марко Михаиловски, кој се осврнал на политиките со кои СДСМ меѓународно го заштити и го негува, развива и афирмира македонскиот јазик.

Како надополнување на досегашните активности, информирал тој, Владата иницира донесување на нов Закон за употребата на македонскиот јазик. цр/бак/

Фото:СДСМ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан