• недела, 22 декември 2024

СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ не ги почитувале во целост препораките на ДЗР

СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ не ги почитувале во целост препораките на ДЗР

Скопје, 26 јуни 2024 (МИА) - СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ не ги спровеле во целост дадените препораки на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Единствена партија која го исполнила препорачаното е Алтернатива. Ова го покажа извршената ревизија на ДЗР, направена во декември минатата година.

Во однос на ДУИ, ревизорите утврдиле дека партијата спровела само една од двете препораки.

- Статусот на имплементација на препораките и извршената оценка на соодветноста на преземените мерки ни обезбедува основа да изразиме заклучок дека субјектот преземал активности и мерки за дел од дадените препораки со што постои потреба од дополнителни активности во наредниот период за целосно спроведување на препораките, стои во извештајот на ДЗР.

Ревизијата покажала дека во ДУИ имало уплати за членарина во партијата поголеми од дозволениот износ.

- Висината на членарината како еден од приватните извори на финансирање на политичките партии, кој членот на партијата го плаќа годишно како редовен износ е уредена со член 14 од Законот за финансирање на политичките партии согласно кој „износот на членарината за период од една година на секој член поединечно, не смее да биде повисок од една просечна исплатена нето-плата во Република Северна Македонија во претходната година, што ја објавува Државниот завод за статистика“. Со извршениот увид во Годишниот извештај за членарини за 2022 година, ревизијата утврди дека констатираната состојба во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2021 година, како и во конечните извештаи за минати години не е промената, односно и во 2022 година начинот и висината на средствата по основ на членарина се утврдени со Одлуката1, согласно која членарината е утврдена во висина од 5% од платата на избраните и именувате лица од ДУИ, со која се овозможува уплата на средства за членарина над законски утврдениот лимит, забележува ДЗР.

Имајќи ја предвид вака утврдена висина на членарина, која продолжува и понатаму, ДЗР констатира дека и во 2022 година дел од членовите имаат уплатено средства во повисок износ за 250 илјади денари.

ДЗР препорачува одговорното лице на партијата да преземе мерки и активности за измена и дополнување на актот во делот на утврдување на висината на членарината која не може да биде повеќе од една просечна исплатена нето-плата.

За СДСМ, ревизорите утврдиле дека од две препораки дадени во Конечниот извештај, спроведувањето на една е во тек, а една препорака не е спроведена.

- Во делот на усогласеност со закони и прописи, утврдивме дека за дадената препорака за продолжување на отпочнатите активности за утврдување на сопственоста на објектите кои се користат, нивно запишување во Агенцијата за катастар на недвижности и соодветно евидентирање во деловните книги на партијата, во тек се активности за уредување на правото на сопственост над објектите со недефиниран сопственички статус кои СДСМ ги користи, утврдиле ревизорите.

ДРЗ препорачува одговорното лице на партијата да продолжи со отпочнатите активности за утврдување на сопственоста на објектите кои се користат, нивно запишување во Агенцијата за катастар на недвижности и соодветно евидентирање во деловните книги на партијата.

Во однос на препораката за донесување на акт за доуредување на начинот на прибирање, уплата и известување за поединечните износи на средства по основ од членарина, заради потврдување дека поединечните износи на членарина се во рамките на законски утврдениот лимит, не се преземени мерки и активности за спроведување на истата.

- Со извршениот увид во документацијата за начинот на прибирање, уплата и известување за приходите по основ на членарина, ревизијата утврди дека констатираната состојба во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2021 година, како и во конечните извештаи за минати години не е промената, односно врз основа на Правилник1 на партијата, средствата за месечната членарина од секоја општинска организација, се уплатуваат директно на трансакциската сметка на партијата, во вкупен износ за сите поединечни уплати. Воспоставениот начин на прибирање, уплата и известување за приходите по основ на членарина во СДСМ, кој продолжува и понатаму, не обезбедува целосен увид и потврдување во поединечно уплатените средства, по наведениот основ, се вели во извештајот.

ДЗР препорачува одговорното лице на партијата да преземе активности за донесување на акт за доуредување на начинот на прибирање, уплата и известување за поединечните износи на средства по основ од членарина, заради потврдување дека поединечните износи на членарина се во рамките на законски утврдениот лимит.

Во однос на ВМРО-ДПМНЕ, ревизорите утврдиле дека во Конечниот извештај дадена e една препорака и таа не е спроведена. Препораката се однесува за соодветно искажување на имот во Билансот на состојба.

- Одговорните лица на ВМРО – ДПМНЕ по завршување на постапката поведена пред надлежните органи, да преземат мерки и активности за соодветно искажување на недвижниот имот во Билансот на состојба. Утврдената состојба која се однесува на судската постапка поведена од страна на надлежните органи во месец октомври 2018 година, со која на ВМРО – ДПМНЕ му се забранува дел од недвижниот имот/градежни објекти, сопственост на партијата, да го отуѓува, става под хипотека и располага со давање под закуп, се до завршување на постапката пред надлежниот орган, која влијае на проценетата вредност на дел од недвижниот имот искажан во Билансот на состојба, за која Овластениот државен ревизор извести во конечните извештаи од извршените ревизии во минати години, останува непроменета. Истакнуваме дека во текот на 2022 година донесена е пресуда од страна на надлежниот суд, по која е доставена жалба од страна на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ. До денот на известување од извршената ревизија, постапката сè уште не е завршена, стои во извештајот на ДЗР.

За Алтернатива, ревизорите утврдиле дека дадена е една препорака и истата е спроведена.

- Во делот на финансиски извештаи, утврдивме дека за дадената препорака која се однесува на евидентирањето на финансиските трансакции во деловните книги да се врши согласно сметководственото начело на модифицирано настанување на деловните промени и трансакции, преземени се мерки и активности, односно признавањето на приходите и расходите, како и проценувањето на билансните позиции содржани во главната книга се спроведува според сметководственото начело на модифицирано настанување на деловните промени, односно трансакции. Статусот на имплементација на препораките и извршената оценка на соодветноста

на преземените мерки ни обезбедуваат основа да изразиме заклучок дека субјектот преземал активности и мерки за дадената препорака, се вели во извештајот на ДЗР. ир/са/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан