• петок, 19 декември 2025

СВР - Охрид со свечености го одбележа Денот на македонската полиција

СВР - Охрид со свечености го одбележа Денот на македонската полиција

Охрид, 7 мај 2025 (МИА) – Со пригодна свеченост Секторот за внатрешни работи од Охрид го одбележа 7 мај  - Денот на македонската полиција. 

Во име на началникот на СВР Охрид, Игор Смилески, честитки до припадниците на СВР Охрид, упати портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, кој во оваа прилика истакна дека безбедносната состојба е стабилна и поволна на подрачјето на СВР – Охрид, полициските службеници своите работни задачи ги извршуваат законски, крајно професионално, неселективно и посветено.

„СВР Охрид е легитимен фактор во одржувањето на безбедноста и во справувањето со безбедносните проблеми и предизвици, за заштита на личната сигурност на граѓаните и нивните материјални добра“, рече Димоски.

Податоците од првите четири месеци на тековната година покажуваат намалување на регистрираниот број кривични дела споредбено со минатата година.

Во првите четири месеци од оваа година, на подрачјето на Охрид, регистрирани се 184 кривични дела што е намалување во однос на цела 2024 година, кога биле пријавени 240 кривични дела. Ефикасноста во расветлувањето на кривичните дела истиот период  е 48 проценти, а за цела измината 2024 била 51 процент.

„Од областа не економскиот криминалитет, поднесени се 28 кривични пријави во првиот квартал од 2025, а за цела 2024 имало 20 кривични пријави. Во областа на јавниот ред и мир, од почеток на годинава регистрирани се 56 прекршоци а во цела 2024 вкупно 110“, рече Димоски.

По повод празникот денеска во просториите не поранешната касарна во Охрид, свечен прием за припадниците на охридската полиција организираше Организацијата на ветерани од безбедноста и одбраната од Охрид. 

Денешните свечености почнаа со едноминутен молк во знак на почит кон загинатите во кочанската трагедија, каде меѓу трагично загинатите, животот го загуби и еден полициски службеник.

Инаку, денеска најмладите од детската градинка „Биљјана“, ја посетија езерската и сообраќајната полиција каде, слушнаа како полицајците ги извршуваат своите работни задачи и видоа дел од опремата што ја користат. аб/аа/

фото/СВР - Охрид

Остани поврзан