• петок, 26 април 2024

СВР Велес почнува едномесечна кампања „МВР за граѓаните - заедница, доверба, одговорност“

СВР Велес почнува едномесечна кампања „МВР за граѓаните - заедница, доверба, одговорност“

Велес, 25 март 2023 (МИА) - Претставници на  СВР Велес денеска во близина на велешката гимназија промовираа заедничка кампања на МВР и Македонскиот полициски синдикат - „МВР за граѓаните - заедница, доверба, одговорност“, која ќе трае еден месец. Полициски службеници денеска им делеа едукативни летоци на граѓаните и разговараа за нивните проблеми, потреби и барања за  прашања кои се во надлежност на полицијата.

Ристе Самарџиев, потпарол на СВР Велес и началник на Отсек за превенција, изјави дека целта на кампањата е запознавање на граѓаните со суштината, вредностите и карактеристиките на концептот – полициско работење со заедницата, важноста од градењето партнерство помеѓу полицијата и граѓаните, како и механизмите за контрола врз полицијата што придонесуваат за зголемување на нејзиниот кредибилитет и легитимитет.

 Самарџиев информираше дека довербата во полицијата се зголемува и дека тоа го потврдува и статистиката. За тоа, рече тој, придонесува и зголемената ефикасност на полицијата во повеќе области и генералното намалување на криминалитетот.

Секторот за внатрешни работи Велес во изминатите години бележи прогрес во ефикасноста на работењето, што  дополнително ја зголемува довербата на населението кон полицијата. За споредба, како што рече Самариџев, ефикасноста во работењето на Секторот за внатрешни работи Велес во 2020 изнесувала 36,9 отсто, во 2021 година  43.3 отсто, а во 2022 година се зголемила на 45,2 проценти.

Самарџиев потенцира дека има зголемување на процентот на откривачката дејност кај кривичните дела на недозволена трговија со дрога за 47.5% во 2022 споредено со 2021 година и намалување на вкупниот број кривични дела даваат само дополнителен мотив плус за уште подобри резултати во работењето на Секторот за внатрешни работи Велес, што ќе придонесе за зголемување на довербата на населението и граѓаните кон полицијата.

 Тој информира  дека изминатите години Одделението за полиција при СВР Велес континуирано и во тренд одржува поволен и стабилен јавен ред и мир без никакви осцилации во бројките, а и дека  особено радува вкупниот статистички податок на полициските станици за безбедност во патниот сообраќај на подрачјето на СВР Велес во првото тромесечје (за месеците јануари, февруари и март) од тековната 2023 година, според кој  бележи двојно намалување на бројот на сообраќајни незгоди и бројот на жртви.

Во првото тримесечје за изминатата 2022 година на подрачјето на СВР Велес, како што рече, се регистрирани вкупно 130 сообраќајни незгоди и три жртви, додека нивниот број во тековната  2023 година во три месеци изнесува 76 сообракајни незгоди без ниту една регистрирана жртва , што е намалување за 41,54 % во однос на лани.
 
 
Ваквите позитивни бројки се не само резултат на засилените сообракајни активности и контроли, но и на ставањето засилен акцент на Министерството за внатрешни работи на превентивната компонента во работењето на полициските службеници од отсеците за превенција во соработка со невладиниот сектор, општините, образовните и други релевантни институции со цел едукација на населението и рана превенција во делот на криминалитетот  и во сообраќајот.

Самарџиев нагласи дека преку  оваа кампања ја реафирмираат и потенцираат пораката дека полицијата постои за да биде во служба на заедницата, да креира побезбедни средини за граѓаните каде тие ќе чувствуваат поголема сигурност. Но, и дека работи на подигање на интегритетот на полициските службеници, со прецизно дефинирани механизми за нејзина контрола.

 -Преку оваа кампања, која денеска се промовира по сите сектори за внатрешни работи во државата, па и во СВР Велес, имаме за цел полицијата уште повеќе да ја доближиме до граѓаните, а развивањето концептот „Полицијата и граѓаните“ да претставува наш одговор на вашите потреби. Полициското работење со заедницата значи градење партнерство кое се базира на доверба помеѓу полицијата и граѓаните, а планската соработка придонесува за спречување на криминалот, при што резултатот е зголемена безбедност и подобар квалитет на живеење, нешто што сите заеднички го посакуваме, потенцираше Самарџиев.

 Идната сабота, 1 април, СВР Велес оваа кампања ќе ја спроведе во Кавадарци, на 8 април во Неготино и наредните саботи и во други градови од Повардарието што се во ингеренција на СВР Велес. ад/хс/

Фото: МИА

Остани поврзан