• недела, 22 декември 2024

Свечена седница во Гостивар по повод Меѓународниот ден на Ромите

Свечена седница во Гостивар по повод Меѓународниот ден на Ромите

Гостивар, 8 април 2023 (МИА) – Со свечена седница на гостиварскиот ромски еснаф и во присуство на претставници од повеќе институции се одбележа 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите во Гостивар.

Во обраќањата, претставниците на ромската заедница од Гостивар ја истакнаа соработката со локалната самоуправа и заблагодарија на напорите кои се прават за нивна инклузија. Оваа година предвидено е да се поведе и иницијатива преку Советот на општината ромскиот јазик да се официјализира и во училиштата.

Потпретседателот на политичката партија Демократски сојуз на Ромите, Кашмир Салиу потсети на одржувањето на првиот конгрес на Ромите во 1971 година и неговото значење.

- Денешниот празник со сета симболика претставува датум кој има своја тежина и останува за навек за идните генерации. Без конгресот во 1971 година немаше да постојат Ромите, ниту ромското прашање, ниту ние, рече Салиу.

Тој од говорницата упати критики до централната власт, која, како што рече само за Денот на Ромите ќе се сети на нив. Како светол пример ја посочи Општина Гостивар во која изминативе години им се решаваат проблемите.

Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари посочи неколку проекти кои локалната самоуправа ги реализирала во населбите со ромско население, а како најзначајна ја издвои иницијативата за истакнување на знамето на ромската заедница на јавни места и пред општинската зграда.

На свечената седница во салата на општинскиот Совет беше прикажано и кратко видео „Патот на Ромите низ времето и светот“, на кое беа претставени значајни личности од светот на спортот, уметноста и јавниот живот кои имаат ромско потекло. згм/мд/

фото: МИА
 

Остани поврзан