• недела, 26 мај 2024

Светските агенции известуваат за претседателските избори во земјава

Светските агенции известуваат за претседателските избори во земјава

Скопје, 24 април 2024 (МИА) - Светските новински агенции денеска известуваат за претседателските избори што се одржуваат по седми пат во Република Северна Македонија.   

-Претседателското гласање во Северна Македонија беше отворено денеска за речиси 1,8 милиони граѓани со право на глас. Според последните анкети, актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој доаѓа од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), е јасно зад Гордана Силјановска-Давкова од националистичката ВМРО-ДПМНЕ, пишува германската агенција ДПА.

Агенцијата наведува дека ЕУ ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија во јули 2022 година.

-Под притисок на членката на ЕУ - Бугарија, малата балканска земја мора да го спомене бугарското малцинство во преамбулата на својот Устав за да може да започнат посуштински пристапни преговори. Меѓутоа, поради противењето на ВМРО-ДПМНЕ, во парламентот сè уште не е најдено двотретинско мнозинство за соодветно да го измени Уставот, наведува ДПА.

Агенцијата додава дека двајца етнички албански политичари, исто така, се кандидираат за претседател: министерот за надворешни работи Бујар Османи, од владеачката албанска партија ДУИ, и Арбен Таравари, кандидат на сојузот на опозициските албански партии. Етничките Албанци сочинуваат околу 25 проценти од населението на Северна Македонија.

-Проевропската и прозападна СДСМ е на власт во Македонија од 2017 година, која во 2019 година беше преименувана во Северна Македонија. Земјата влезе во НАТО во 2020 година, откако владата на поранешниот премиер Зоран Заев го реши спорот за името со Грција. Атина инсистираше на промена бидејќи еден регион во северна Грција се вика Македонија, сумира ДПА.

Според британската новинска агенција Ројтерс, гласачите во Северна Македонија денеска излегоа на гласање за да го изберат претседателот на „лакмус тест“ за парламентарните избори следниот месец на кои националистичката опозиција се обидува да ги собори владејачките социјалдемократи од левиот центар.

-ВМРО ДПМНЕ последниве години доби на сила поради гневот на јавноста поради бавното темпо на пристапување на оваа балканска земја во Европската унија. Додека претседателската функција е церемонијална функција, опозицијата се надева дека ќе добие импулс за поважното парламентарно гласање на 8 мај, наведува британската агенција.

Според Ројтрес, „кандидатурата на Северна Македонија за членство во ЕУ беше дочекана со оптимизам во 2005 година, но 19 години подоцна, таа постигна мал напредок, делумно поради противењето на членките на ЕУ - Грција и Бугарија“.

-Договорот од 2017 година за промена на името на земјата од Македонија во Северна Македонија стави крај на спорот со Грција, но Бугарија поднесе вето во 2020 година за прашањата за историјата и јазикот, за кои многу Македонци велат дека го напаѓа нивниот национален идентитет. Во 2001 година НАТО ја повлече Северна Македонија од работ на граѓанска војна за време на бунтот на етничките Албанци и вети побрза интеграција во ЕУ и НАТО. Се приклучи на НАТО во 2020 година, забележува Ројтерс.

И хрватската новинска агенција Хина во однос на претседателските избори во земјава извести дека најновите анкети покажуваат дека актуелниот претседател Стево Пендаровски од СДСМ, јасно стои зад Гордан Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ.

-Бидејќи најверојатно ниту еден кандидат нема да освои повеќе од 50 отсто од гласовите, а во трката има уште пет други кандидати, според истата агенција се очекува втор круг од изборите да се одржи на 8 мај. На тој ден е предвидено да се одржат и парламентарни избори.

Претседателските избори во Северна Македонија, како што наведува Бета, се одвиваат мирно и без нерегуларности.

Цитирајќи го претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, Бета наведува дека сите гласачки места на претседателските избори во Северна Македонија се отворени навреме и гласањето се одвива мирно и без неправилности.

Според бугарската новинска агенција БТА, ставот на Гордана Силјановска „остана нејасен“ во однос на вметнувањето на бугарското малцинство во Уставот, што е услов за продолжување на преговорите со ЕУ.

-Таа во интервју за МРТ во пресрет на денот за размислување ги посочи опциите „за решавање на проблемот со Бугарија“, со што ќе се отворат преговорите на земјава со ЕУ. Според нејзините зборови, „може да има одлука од новите власти во Бугарија (и) од новите владетели во Северна Македонија со помош на новите власти во Европа за „соломонско решение“, што би можело да биде толкување на пријателството и Договорот за добрососедство, преку негов анекс или друг документ, во кој ќе пишува дека разликите и несогласувањата меѓу двете земји Бугарија нема да ги користи како вето. А другиот начин, според Силјановска, е „претставниците од новиот Европски парламент или од Европската комисија да и објаснат на ЕУ дека Бугарија ги користи прашањата поврзани со идентитетот како услов за членство на Северна Македонија, што ги нарушува принципите на ЕУ". Според неа, „дури и ЕП може да започне случај пред судот во Луксембург, кој го штити европското право, против Бугарија", пишува БТА.

Агенцијата додава дека според Билјана Ванковска, „треба да се осуди Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, како и договорот со Грција, а земјата да донесе нов, цивилен устав“.

-За Максим Димитријевски, уставните измени треба да се прифатат, но да стапат на сила откако Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ. Стевчо Јакимовски смета дека земјата може да постави свои услови пред ЕУ, а промените во Уставот може да се случат „откако ќе се решат прашањата за јазикот, идентитетот и тврдењата на Бугарија дека Македонците биле Бугари пред 1944 година“. За Арбен Таравари потребни се гаранции од ЕУ дека тоа ќе биде последниот услов за Северна Македонија, додека според Стево Пендаровски и Бујар Османи, мора да се донесат измени на Уставот за да се искористи „отворениот прозорец“ за проширување на ЕУ, напиша БТА.

На 3.480 избирачки места во земјава денеска на седмите претседателски избори можат да гласаат 1.814.317 граѓани запишани во избирачкиот список.

Гласачките места ќе бидат отворени од седум до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.  мс/

фото: МИА

 

 

 

Остани поврзан