• понеделник, 15 април 2024

Сашо Даневски за МИА: Фудбалски судија во просек трча 10 километри на натпревар

Сашо Даневски за МИА: Фудбалски судија во просек трча 10 километри на натпревар

Скопје, 26 март 2023 (МИА) – Еден фудбалски судија во просек трча 10 километри на натпревар. Над дваесет проценти од нив се во високо интензивна зона во која е потешко да се донесе судиска одлука. За тоа каква физичка подготовка е потребна за еден натпревар да се отсуди без тешкотии, разговаравме со националниот фитнес тренер на фудбалски судии на Македонија, Сашо Даневски.

Даневски вели дека не е важно дали си маж или жена, сѐ додека ги совладуваш предвидените норми за категоријата, можеш да судиш фудбалски натпревар во која било лига. Според него, редовниот тренинг е неопходен за добро судење, а интегрирањето на донесување судиска одлука за време на високо интензивен тренинг го претставува како иновација која придонесува кон носењето одлуки на терен.

Тој е и првиот УЕФА тренер за елитни судии од нашите простори. За меѓународните ангажмани вели дека се многу одговорни и сѐ што учи од таму се труди да аплицира и дома. Физичката активност ја посочува како нужна за здрав живот и препорачува да се практикува бидејќи, како што вели, „претставува инвестиција за во иднина“.

Во продолжение ви го пренесуваме целото интервју со националниот фитнес тренер на фудбалски судии на Македонија, Сашо Даневски.

Неодамна се вративте од УЕФА симпозиум за судии 2023, што претставува ова искуство за вас и што донесовте тука?

Унијата на европските фудбалски асоцијации секоја година во континуитет организира годишни симпозиуми, семинари за континуирана едукација на фитнес тренерите. Оваа година симпозиумот беше организиран во Букурешт, Романија. Учество зедоа 55 фитнес тренери од сите европски држави. Јас годинава станав и еден од главните УЕФА фитнес тренери за судии и асистенти, со тоа што остварив право да работам со елитните судии од УЕФА.

Еден од главните фитнес тренери на елитните фудбалски судии во УЕФА, каква одговорност носи овој повик?

Одговорноста е огромна, бидејќи доколку ме изделегираат, во даден момент треба да водам грижа за дел од елитните судии кои што се одговорни за најелитните европски натпреварувања, како за изработка на тренинг програми, меѓутоа, повеќе со фокус на анализа од натпревари, анализа на техника на трчање и давање на соодветни совети како може да се прилагоди тренажниот процес врз основа на нивниот распоред кој и онака е премногу зафатен за нив, бидејќи, во некои периоди имаат и по четири натпревари во 14 дена.

Вие сте, исто така, и главен фитнес тренер на CORE 56, што претставува тоа?

Програмата CORE на УЕФА претставува програма за пронаоѓање на млади, талентирани судии. Како што кажавте, CORE 56, тоа е 56-ти курс кој што го има организирано УЕФА. Започнат е од 2012 година. Јас минатата година бев асистент фитнес тренер на CORE 54, оваа година сум главен фитнес тренер на CORE 56. Учество на секој CORE курс земаат осум држави, со по еден главен судија и двајца асистенти. Имаме вкупно 24 судии. На почетниот дел од овој курс доаѓаат судиите, ние ги тестираме ,им држиме неколку предавања и краткотрајна обука како треба да продолжат понатаму со тренажниот процес. Ги мониторираме на месечно ниво, им испраќаме месечни извештаи и насоки, што треба да променат во тренажниот процес, и после седум месеци, во октомври, повторно ги тестираме во седиштето на УФЕА, да видиме колкав прогрес е направен со нив.

До овие ангажмани стигнавте преку националното ниво. Вие сте фитнес тренер на македонските фудбалски судии. Каква е состојбата кај нас, како Фудбалската федерација на Македонија инвестира во судиите и дали сме близу до третманот што го имаат во УЕФА?

Пред сѐ јас сум национален фитнес тренер на сите главни судии, асистенти и меѓународни судии од прва и втора лига. Мене најпрво ми беше дадена шансата како национален фитнес тренер, потоа, согласно моите остварувања кои ги имав во УЕФА, ги добив и понатамошните меѓународни ангажмани и на тој начин и бев промовиран во еден од главните тренери во УЕФА. Морам да кажам дека ФФМ во последните три години има инвестирано многу за судиите. Тој процес ние го започнавме со реализација на работилници за до-едукација на судиите. Започнавме со национален семинар, фитнес семинар, со главниот фитнес тренер на УЕФА, Вернер Хелсен, во 2021 година. Во 2022 година имавме организација на првиот воопшто, регионален фитнес семинар во Европски рамки, во месец јуни. ФФМ покани 10 држави со по шест учесници и дополнително вклучивме наши судии кои што сметавме дека се носители на нашите првенства и на тој семинар, на таа работилница учествува повеќе од 80 судии и тоа како активност е забележано од највисоките авторитети во УЕФА и добивме доста позитивни сигнали за таа организација. Исто така, во месец септември беше организирана работилница за жени судии, со одговорната во УЕФА, Дагмар Дамкова. Додека, во октомври, уште една, трета работилница за футсал судии со Педро Галан, кој е одговорен човек во УЕФА за футсал. Ние не сакаме да престанеме тука. Оваа година, на овој симпозиум учество зеде и претседателот на Судиска комисија, Димитар Мечкаровски. Разговаравме со повеќе потенцијални гости, не би сакал да ги откријам сега. Сѐ уште сме во фаза на преговори, меѓутоа, се надевам дека ќе имаме доста интересна есен оваа година.

Како нашите судии го поминаа овој процес на иновации што се случи изминатите три години?

Секоја промена не е едноставна, бидејќи јас, како што стапив на оваа функција, како фитнес тренер, во сила стапија и некои нови фитнес тестови кои се од физички аспект малку потешки и имаат повисоки побарувања. Така што, тој процес на адаптација може на почеток беше покомплициран за сите, и за мене како фитнес тренер, меѓутоа, многу повеќе за судиите. Морам да кажам дека сум многу благодарен на соработката со сите судии, бидејќи до оваа точка каде што сме стигнати, сме стигнати заедно, со заемна поддршка. Мило ми е што во овие три-четири години успеавме да се едуцираме за тоа колку се важни тренинзите за нас, не за фитнес тестот, туку колку се важни за самите натпревари, колкаво влијание имаат и колку треба да бидеме ние посветени на тренажниот процес, дека тоа не е нешто кампањско, туку треба да се тренира во континуитет. Се надевам дека сега со судиите ќе разговараме колку лесно имаме положено на фитнес семинарите, а не дали ќе положиме, или не. Во таа насока инвестиравме како Федерација и во паметни часовници, за да можеме да го следиме секој тренинг на судиите. Јас на дневна основа можам да добијам фидбек од секој судија. На кој начин го има спроведено тренингот и колку тој тренинг бил тежок за даден судија.

Тука се надоврзуваме токму и во делот на фитнесот. Колку еден судија трча на еден натпревар и каква физичка подготовка е потребна за да го издржи тој напор?

Јас направив анализа за 2022 година и е доста интересна. Бидејќи и прва, и втора лига, главните судии, имаат истрчано скоро исто растојание. Втора лига имаат во просек 300 метри истрчано повеќе. Десет километри и триста со десет километри и двесте и седумдесет метри во прва лига. Затоа, на сите предавања што сум ги имал во минатиот период, нагласувам дека понекогаш треба тоа растојание да се истрча и на тренинг. Целта е да се измери кое растојание е истрчано со висок интензитет, во високите, четврта и петта зона, каде што е многу потешко да се донесе судиска одлука. Доколку се земе просек дека кај нас со висок интензитет се трча околу 2 200 до 2 500 метри, тогаш еднаш неделно треба да имаме и тренинг со таков интензитет, со таква дистанца, за да можеме да испорачаме квалитетно судење и на самите натпревари.

Како изгледа еден тренинг на фудбалски судија?

Во последно време доста се дебатира како треба да изгледа еден модерен тренинг на фудбалски судија. На таа тема имав предавање на симпозиумот во Романија, како да се интегрира донесувањето на судиска одлука за време на високо интензивен тренинг. Бидејќи ниско интензивните тренинзи се доста едноставни, ќе споделам искуство за високо интензивен тренинг. Најчесто, тренингот треба да бие поставен како реална ситуација во терен, контра, со уште една контра. Времето на интервалите се прилагодува, во зависност од тоа дали станува збор за мажи или жени. Доколку подготвуваме меѓународни судии за судење во странство, може да се направи и претходна анализа и тој тренинг да претрпи некои промени, како што се повеќе промени на правци, да биде покомплициран, меѓутоа, секогаш, на крај да има донесување на судиска одлука, без разлика дали тоа ќе биде на компјутер или со играчи во терен.

Ги споменавте меѓународните судии, дали тие подлежат на некој посебен вид на тренинзи или проверки?

Меѓународните судии имаат посебни стандарди, малку повисоки од националните судии. Тие стандарди се воспоставени од УЕФА и ние мора да ги почитуваме. Исто така, подлежат и на квалитет на композиција на тело, компактност на тело, се мери масно ткиво, мора да имаат под 15 проценти и дополнително работиме скрининг за потенцијални места за повреди. Претходно, тој скрининг содржеше 15 вежби, сега има 21 вежба. Се освојуваат поени на секој тест и не треба да има повеќе од 12 поени, бидејќи кога има повеќе од 12 поени, тоа значи дека тој судија има многу места каде што може да настане одредена повреда и УЕФА не сака да ризикува со такви судии.

Во делот на мажи и жени, од тренажниот процес, до способноста за судење на натпревари, која е разликата?

Јас го гледам мојот аспект, физичкиот аспект. Ние имаме воспоставено и различни физички норми за мажи и жени. Доколку жените судии сакаат да судат во женска лига имаат едни стандарди, меѓутоа, доколку сакаат да судат во машка лига, мора да положат и машки норми, бидејќи, едноставно, побарувањата во машка лига се малку повисоки од физички перформанс, отколку во женска лига. Ние немаме многу жени судии. Јас гледам секогаш кога има потреба, ако треба и со индивидуален пристап, со индивидуална програма да се помогне на сите жени судии. Пристапот е комплетно ист, бидејќи, според мене, нема никаква разлика и не треба да има и сметам дека и мажите и жените добиваат потполно иста поддршка, барем кога станува збор од фитнес аспект.

Задолжен сте за судиите што се на единствената листа во прва и втора лига, што станува со останатите судии, дали постојат други тренери кои што можат на судиите од пониските лиги да им овозможат совети за соодветен тренажен процес?

Јас колку што знам засега фитнес тренери одговорни по региони нема. Може на тоа треба да поработиме ние, како Федерација, како држава. Да имаме во секој регион дополнително и други фитнес тренери. Доколку станува збор за едуциран кадар, многу е едноставно да се пренесе знаењето и да се дадат прецизни насоки што и како треба да работат со судиите, за да можеме да добиеме квалитетни судии од регионите, од трета лига, за единствената листа на судии во Македонија.

Во меѓувреме сте маратонец, имате свој фитнес клуб, а исто така сте асистент по физичка култура во Армијата на Република Северна Македонија, како и татко. Како вие го трчате вашето секојдневие?

Најголема поддршка ми е семејството, се разбира. Најмногу поддршка добивам од сопругата. Имам две деца и секој момент сакам да го поминам со нив. За жал, за социјален живот немам многу време бидејќи сум комплетно и максимално професионално посветен на сите овие обврски, на Воената академија, на фитнес клубот, на судиите и на семејството. За мене е едноставно бидејќи секогаш велам дека доколку човек го работи она што го сака, не работи, едноставно го живее својот сон. Јас сум премногу благодарен бидејќи ми беа дадени шанси кои што требаше да ги изработам. Според тоа добив соодветни унапредувања и сега едноставно имам некој систем на работа и можам моето секојдневие лесно да го организирам.

Кој е поодговорен од физички аспект, војниците или судиите?

Јас би рекол исто, зависи колку ќе биде строг тој што е одговорен со нив.

За крај, може ли да ни дадете една порака, бидејќи, нели, не треба да си војник или судија за да практикуваш физичка активност, зошто е истата важна и како да се натераме да ја практикуваме?

Физичката активност е нужна за здрав живот. Јас имам некои животни искуства претходно, каде што физичката активност беше клучна во тие моменти. Мора да се практикува бидејќи не станува збор само за зачувување на моменталното здравје, туку, тоа е инвестиција за во иднина, за да спречиме ред проблеми, да ги превенираме, да не се појават. Културата која ќе ја добиеме со физичката активност е сосема различна од онаа доколку не практикуваме физичка активност. Ни дава едни здрави навики, не само за спортување, туку за исхрана и за здрав сон. Така што, кога ќе го заокружиме тој круг, добиваме една здрава, квалитетна слика од нас.

Ангела Рајчевска
Фотографија: Борис Куноски
Видео: Андреј Бранковиќ
  

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан