Саниран опожарениот дел на депонијата Острец во Делчево
- По вчерашното опожарување на градската депонија Острец во Делчево, денеска беше реализирана акција за санирање на опожарениот дел на истата. Како што известија од Јавното комунално претпријатие Брегалница, пожарот е резултат на намерно палење.
Делчево, 17 јуни 2025 (МИА) - По вчерашното опожарување на градската депонија Острец во Делчево, денеска беше реализирана акција за санирање на опожарениот дел на истата. Како што известија од Јавното комунално претпријатие Брегалница, пожарот е резултат на намерно палење.
-Во попладневните часови од вчерашниот ден од страна на несовесни сторители повторно беше опожарен дел од градската депонија Острец. Од утринските часови градежна механизација на ЈКП Брегалница Делчево го санираше опожарениот дел на депонијата. Со ваквите несакани дејствија, покрај тоа што се загрозува животната средина се создаваат и дополнителни трошоци за санирање на депонијата, истакнаа од претпријатието.
За спречување на повторно палење на депонијата и зачувување на животната средина известија дека влезот на градската депонија е забранет за сите неовластени лица.
-Сите правни и физички лица кои ќе имаат потреба од депонирање на отпад на градската депонија се должни претходно да побараат дозвола за влез и депонирање на отпад од страна на одговорниот на комунална хигиена, додадоа од ЈКП Брегалница.
Апелираа секоја ваква појава на намерно палење на депонијата навремено да се пријави до надлежните.вс/бт/
Фото: МИА