САД ја оправдуваат израелската блокада на хуманитарната помош пред МСП во Хаг
- „САД го поддржуваат протокот на хуманитарна стока во Појасот Газа, но со гаранција дека нема да биде злоупотребена од терористичка организација“, наведе Симонс, пренесува германската агенција.
Хаг, 30 април 2025 ( МИА) - САД ја оправдаа израелската блокада на хуманитарната помош за Појасот Газа пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, јави ДПА.
Израел има легитимен безбедносен интерес, изјави правниот претставник на американскиот Стејт департмент, Џош Симонс, пред судот во холандскиот град.
„САД го поддржуваат протокот на хуманитарна стока во Појасот Газа, но со гаранција дека нема да биде злоупотребена од терористичка организација“, наведе Симонс, пренесува германската агенција.
Активностите на Израел во Појасот Газа оваа недела се во фокусот на сослушувањата пред МСП во Хаг. Највисокиот суд на Обединетите нации треба да издаде советодавно мислење за законската обврска на Израел да „ја обезбеди и олесни“ итно потребната хуманитарна помош за палестинските граѓани.
Ова, исто така, вклучува и израелска забрана за работа за Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA).
Од 2 март, Израел ја блокираше испораката на стока и помош за приближно 2,1 милиони жители на затворениот Појас Газа.
Израел овој свој потег го оправдува, меѓудругото, со тврдењето дека палестинското исламистичко движење Хамас насилно ја запленува хуманитарната помош и ја продава на жителите по повисоки цени. Израел повторно ќе дозволи хуманитарна помош само откако Хамас ќе ги ослободи сите израелски заложници.сд/
фото:МИА архива