САД немаат информации дека Кина воено и материјално ја помага Русија
- САД не забележале дека Кина системски избегнува санкции или воено ја поддржува Русија, изјави синоќа високопоставен претставник на американската администрација.
Вашингтон, 1 јули 2022 (МИА) – САД не забележале дека Кина системски избегнува санкции или воено ја поддржува Русија, изјави синоќа високопоставен претставник на американската администрација.
Претставникот кој инсистирал на анонимност изјавата ја дал во контекст на мерките на американското Министерство за трговија од вторникот кога пет кинески компании беа додадени на црната листа поради наводна поддршка на руската воена индустрија.
Тој појаснил дека преземените мерки се однесуваат на одредени кинески компании, а не на Владата во Пекинг.
САД веќе предупредија на последици, вклучително и санкции, доколку Кина понуди материјална поддршка на руските оружени сили, но истовремено посочија дека прво треба да се утврди дали постои воена и економска поддршка на Кина за Москва.
Неименуваниот претставник во изјава за светска агенција уште посочил дека Кина не и дала материјална поддршка на Русија, дури ниту во форма на воена опрема.
„Немаме забележано дека Народна Република Кина системски ги избегнува санкциите или пак да испорачува воена опрема на Русија“, рекол тој.
Поради агресијата врз Украина САД заедно со своите сојузници одлучија да ја казнат Русија поместувајќи голем број руски компании и олигарси на нивната црна трговска листа. Од друга страна, Кина одби да ги осуди постапките на Русија, критикувајќи ги опсежните западни санкции против Москва.
Пекинг, исто така, соопшти дека не обезбедува воена помош за Русија или Украина, но најави дека ќе преземе „неопходни мерки" за да ги заштити правата на своите компании. аб/паг/