САД ги поддржуваат напорите на СПАК против корупцијата на високо ниво
- САД ги поддржуваат напорите на албанското Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, против корупцијата на високо ниво, стои во одговорот на американскиот Стејт департмент на барањето на Гласот на Америка да коментира по апсењето на поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета.

Тирана, 23 октомври 2024 (МИА) - САД ги поддржуваат напорите на албанското Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, против корупцијата на високо ниво, стои во одговорот на американскиот Стејт департмент на барањето на Гласот на Америка да коментира по апсењето на поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета.
- Запознати сме со апсењето. Ве упатуваме до албанските власти за повеќе детали во врска со случајот. Соединетите Американски Држави го поддржуваат напредокот на Албанија кон владеење на правото, вклучително и напорите на СПАК да ја гони корупцијата на високо ниво и организираниот криминал, во согласност со законот, одговори портпаролот на Стејт департментот на барањето на Гласот на Америка.
Борбата против корупцијата, организираниот криминал, нелегалната трговија и тероризмот биле во фокусот на денешната средба на генералниот директор на албанската државна полиција, Илир Прода, со шефот на Регионалната канцеларија за безбедност при американската амбасада во Тирана, Џонатан Елис.
- Прода и Елис високо ја оценија досегашната соработка и ја потврдија подготвеноста за нејзино продлабочување. Елис му честиташе на директорот Прода за тешката задача што ја презеде и го увери за американската поддршка за државната полиција и одличната и посебна соработка на Државната полиција со Регионалната служба за безбедност, се наведува во соопштението на државната полиција.
Се додава дека Прода го уверил дека е решен да соработува и да работи заедно со американските агенции за спроведување на законот, покажувајќи професионализам и доверливост при заедничките истраги и операции во борбата против корупција, организиран криминал, нелегалната трговија и тероризам. вт/паг/
Фото: Државна полиција