• сабота, 23 ноември 2024

Рушити: За да биде транспортниот надзор поефикасен ни требаат уште најмалку десет инспектори

Рушити: За да биде транспортниот надзор поефикасен ни требаат уште најмалку десет инспектори
Скопје, 29 јуни 2022 (МИА) - Во моментов има 22 активни и четири помлади транспортни инспектори, што не се доволни. Има делови во државата што не се покриени или се покриени со некој инспектор од друго место, од далеку. За да бидеме ефикасни ни требаат најмалку уште десет инспектори, истакна Директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Гајур Рушити. Во изјава за МИА Рушити рече дека инспекциските надзори не се во некоја „добра ситуација “. - За да биде надзорот поефикасен, бидејќи ние правиме надзор, на пример, на возило што врши транспорт на патници, ако треба инцидентно да вршиме надзор на граница ние треба да сме побрзи и поажурни за да не чекаат патниците за една контрола. Доколку имаме повеќе инспектори во тој дел ќе бидеме поефикасни и побрзи, нема патниците да чекаат по три до четири часа, нашата интервенција ќе биде поефикасна, со цел да се подобруваат и контролата на транспортерите ќе биде поголема и поефикасна за безбедност, посочи тој. По воведните обраќања на денешната Прва регионална работилница за инспекциски надзор во патниот транспорт во организација на Државниот инспекторат за транспорт, Секретеријатот на транспортната заедница, а во соработка со Полската амбасада во земјава и Генералниот инспекторат за патен транспорт на Полска, тој посочи дека имаме потреба од помош од страна и, како што рече, „од овој настан тука ќе се трудиме да искористиме сè што е најдобро. Љупка Силјаноска, заменик директор на Секретеријатот на Транспортната заедница, информираше дека работилницата е наменета за инспектори од Државен инспекторат за транспорт од Северна Македонија, Косово и Албанија. - Целта на оваа обука е да се зголеми ефикасноста и стручноста на инспекторите при спроведувањето на проверки и инспекции на ефикасен начин, за да може да се идентификуваат и отстранат од сообраќај возилата кои што се неисправни, несоодветно управувани, или, кои се управувани без соодветни лиценци и квалификации, а со самото тоа да се придонесе кон подобрување на целокупната безбедност во сообраќајот, рече таа. Силјаноска дополни дека треба на сите да ни биде јасно дека добро обучени инспектори и квалитетно спроведени контроли спасуваат човечки животи. - Потребен е сеопфатен пристап за обезбедување на безбедноста на патиштата, тука влегува добрата инфраструктура, безбедните возила, но, секако, тука клучен фактор е добрата законска рамка и нејзината соодветна имплементација, смета таа. Заменик шеф – инспектор на Патниот транспорт од Полска, Јоана Смолинска, со МИА сподели дека на работилницата се присутни најискусните инспектори кои ќе зборуваат за правните проблеми, општествената регулатива и контролата на работно време, која, како што рече „е особено интересна за повеќето земји“. Дополнитени дека утре, на терен, со најсовремените технички апарати, екипата од Полска ќе демонстрира како сето тоа се прави во пракса. Работилницата е организирана на иницијатива на Министерството за транспорт и врски, домаќин е Државниот инспекторат за транспорт со поддршка на Министерството за внатрешни работи. ар/сп/

Остани поврзан