• сабота, 27 јули 2024

Русија ја прогласи РСЕ за „непожелна организација“

Русија ја прогласи РСЕ за „непожелна организација“

Москва, 20 февруари 2024 (МИА) - Русија ја прогласи Радио Слободна Европа (РСЕ) за „непожелна организација“, според регистарот што го води Министерството за правда на земјата.

Последното ажурирање на регистарот покажува дека РСЕ е означена како „непожелна“ од 20 февруари. Според записот, РСЕ е 142-от ентитет кој е означен како таков.

Претходно, Канцеларијата на главниот обвинител одлучи да ги означи активностите на корпорацијата како непожелни во Русија, пренесува РСЕ повикувајќи се на Тасс.

Законот за „непожелна организација“, усвоен во 2015 година, беше регулатива поддржана од Кремљ за невладини и други организации кои се финансираат од странски извори.

Радио Слободна Европа е уредувачка независна медиумска компанија финансирана со грант од Конгресот на САД преку американската Глобална медиумска агенција.

РСЕ дистрибуира информации на 27 јазици во 23 земји каде слободата на медиумите е ограничена или професионалното новинарство е недоволно развиено.

Московскиот суд го прогласи за банкротиран бизнисот на Радио Слободна Европа во Русија минатиот март, откако компанијата одби да плати повеќекратни казни во вкупна вредност од над 1 милијарда рубљи (14 милиони долари) за кршење на таканаречениот закон за странски агенти.

Законот, воведен во 2012 година, првично беше наменет за невладини организации и групи за човекови права, но оттогаш е проширен за да вклучува и медиумски организации, индивидуални новинари, блогери на Јутјуб, односно всушност секој што се финансира надвор од Русија и, според мислењето на Кремљ, изразува политичко мислење.

Радио Слободна Европа претходно објави дека овој закон претставува политичка цензура со цел да ги спречи новинарите да ги извршуваат нивните професионални должности и ги оспорува потезите на владата пред руските судови и Европскиот суд за човекови права.

Радио Слободна Европа го затвори својот дописнички центар во Москва на 6 март 2022 година, неколку дена откако Федералната даночна служба поднесе барање до Арбитражниот суд во Москва за задолжителен банкрот на РСЕ.

На 13 март минатата година, арбитражниот суд во Москва како причина ја наведе „неспособноста“ на РСЕ/РС, која ги застапува интересите на Радио Слободна Европа во Русија и чии сметки беа замрзнати во мај 2021 година, за да го отплати долгот.

Откако Русија ја започна својата инвазија врз Украина и воведе воена цензура во март 2022 година, рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор ги блокираше веб-страниците на Радио Слободна Европа во земјата.

Фото: РСЕ

Остани поврзан