• вторник, 17 декември 2024

Русија тврди дека пресретнала три француски воени авиони во Црното Море

Русија тврди дека пресретнала три француски воени авиони во Црното Море

Москва, 5 март 2024 (МИА) – Русија денеска соопшти дека подигнала борбен авион за да пресретне три француски воени авиони кои се приближувале до нејзината граница над Црното Море, инцидент што го демантираше француски воен извор.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека при приближувањето на рускиот ловец, странското летало се вратило назад, прецизирајќи дека се работело за два рафали и еден радарски авион на француската армија.

- Рускиот авион без тешкотии се врати на својот аеродром од каде што полета. Немаше повреда на границата на руската држава, додаде Министерството.

Како што пренесува Бета, француски воен извор изјавил дека воздушната мисија била извршена во согласност со предвидениот лет во меѓународен простор и дека немало никаков инцидент.

Пресретнувањето е операција во која цел е летало што се смета дека е премногу блиску или навлегло во воздушен простор.

Инцидентите со руски авиони и авиони на земјите на НАТО, чиј член е Франција, се релативно чести и се случуваа и пред конфликтот во Украина.

Тие често се случуваат над Црното Море, но исто така и над Балтичкото Море и на други места. јт/

Остани поврзан