• понеделник, 13 мај 2024

Русија: По две одложувања конечно лансирана ракетата Ангара А5

Русија: По две одложувања конечно лансирана ракетата Ангара А5

Москва, 11 април 2024 (МИА) – Ракетата од тешка класа „Ангара-А5“, чие лансирање беше двапати одложувано, денеска беше успешно лансирана од космодромот „Восточни“.

Лансирањето беше извршено според планот во 12:00 часот по московско време, јавија руските медиуми. По 12 минути и 26 секунди, горната етапа Орион се одвои од третата етапа на ракетата, по што во орбитата ќе лансира пробен товар.

Првото лансирање на оваа ракета од Восточни првично беше закажано за 12:00 часот по московско време на 9 април, но беше откажано две минути пред лансирањето. Причината беше дефект на системот за надополнување на резервоарот за оксидатор на централната единица.

Обид за лансирање имаше и вчера, но ситуацијата се повтори. Како што изјави за новинарите генералниот директор на Државната вселенска корпорација Роскосмос Јуриј Борисов, вчера ракетата не била лансирана поради дефект на системот за контрола на стартување на моторот.

Државната комисија денеска одобри полнење гориво и лансирање на ракетата во 12:00 часот по московско време. Инфраструктурата за лансирање на ракети Ангара на космодромот Восточни е во изградба од 2018 година. Претходно од космодромот Плесецк беа лансирани три тешки ракети Ангара, а од 2016 година од космодромот Восточни беа лансирани вкупно 16 ракети од класата Сојуз-2.1а и Сојуз-2.1б. јт/

Фото: Х скриншот

Остани поврзан