• недела, 22 декември 2024

Русија загрижена по иранскиот напад врз Израел, повика на воздржаност на Блискиот Исток

Русија загрижена по иранскиот напад врз Израел, повика на воздржаност на Блискиот Исток

Москва, 14 април 2024 (МИА) – Руското Министерство за надворешни работи денеска изрази загриженост поради ночешниот напад на Иран врз Израел и повика на воздржаност на Блискиот Исток.

„Ноќта на 14 април врз Израел беа лансирани голем број ракети и беспилотни летала. Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека овој напад е извршен во рамките на правото на самоодбрана во согласност со член 51 од Повелбата на ОН во одговор на нападите врз ирански цели во регионот, вклучувајќи го и нападот врз зградата на конзуларното одделение на иранската Амбасада во Дамаск на 1 април, што Русија остро го осуди, но, за жал, поради односот на западните членки, Советот за безбедност на ОН не можеше адекватно да одговори на нападот врз иранското конзуларно претставништво“, се наведува во соопштението на руското МНР.

Оттаму потсетуваат дека Русија постојано предупредуваше дека нерешавањето на бројните кризни ситуации на Блискиот исток, пред се палестинско-израелскиот конфликт, ќе доведе до зголемување на тензиите.

„Ги повикуваме сите инволвирани страни на воздржаност. Се надеваме дека регионалните држави ќе ги решат актуелните проблеми преку политички и дипломатски средства. Сметаме дека е важно конструктивните меѓународни играчи да придонесат за ова“, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Министерството ги советува своите граѓани кои се наоѓаат во Израел и соседните земји, пред се Јордан, Либан и Сирија, да бидат внимателни и да се придржуваат до нивните пораки и практични препораки. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан