Русите тврдат дека зазеле стратешки важен град во источна Украина
- Русија вчера соопшти дека нејзините војници зазеле стратешки важен град во источна Украина како дел од кампањата за слабеење на контролата на Киев врз индустрискиот центар на земјата.
Москва, 27 јануари 2025 (МИА) – Русија вчера соопшти дека нејзините војници зазеле стратешки важен град во источна Украина како дел од кампањата за слабеење на контролата на Киев врз индустрискиот центар на земјата.
Руското Министерство за одбрана објави пад на Велика Новосилка, која пред војната имаше околу 5.000 жители.
Украина потоа соопшти дека нејзините војници стратешки се повлекле од одредени области на градот. Доколку се потврди дека Велика Новосилка навистина е заземена, тоа ќе биде првиот значаен град што капитулирал под нападот на Москва во регионот Доњецк оваа година.
- Украинските сили се повлекоа од одредени делови на Велика Новосилка за да избегнат опкружување, соопшти 110-та посебна механизирана бригада на својот официјален канал на Телеграм. Бригадата дејствува на тој дел од фронтот.
Аналитичарите долго време предвидуваа дека е само прашање на време кога руските сили ќе го заземат градот, кој се наоѓа на само 15 километри од областа Дњепропетровск. 110-та посебна механизирана бригада предупреди дека има близок паритет со руските сили во однос на артилерија и беспилотни летала, но дека Русите имаат голема предност во број на луѓе.
- Нашите единици, искористувајќи ги временските услови, вешто се повлекоа од областа каде што се закануваше опкружување. Тоа не значи дека целосно сме го напуштиле градот, борбите во Велика Новосилка продолжуваат. Сите акции се насочени кон минимизирање на сопствените загуби и предизвикување максимална штета на непријателот, се додава во соопштението.
Бригадата објасни дека повлекувањето топографски ќе им го отежне напредувањето на Русите бидејќи реката ќе стане пречка за понатамошно напредување.
Минатата година Русија по долги и исцрпувачки битки ги зазеде Авдиевка и Вуледар, градови во регионот на Доњецк. Руските сили со месеци се обидуваат да заземат уште две важни упоришта во регионот на Доњецк, Покровск и Часив Јар. јт/
Фото: Х скриншот