• петок, 22 ноември 2024

РСЕ: Визната либерализација за Косово на дневен ред во Брисел на 13 октомври

РСЕ: Визната либерализација за Косово на дневен ред во Брисел на 13 октомври

Приштина, 26 септември 2022 (МИА) – Прашањето на укинување на Шенген-визите за граѓаните на Косово ќе се најде на дневен ред на средбата на работната група на Советот на Европа на 13 октомври, потврдија за Радио слободна Европа (РСЕ) дипломатски извори на Европската унија во Брисел.

Како што пренесуваат медиумите во Приштина, Чешка, како претседавач на ЕУ, веќе им испратила писмо на земјите членки, како најава за дискусијата на таа тема.

РСЕ обезбедила увид во документот, во кој се изразува јасно желбата на официјална Прага сите членки на Унијата да постигнат внатрешен консензус за поддршка на визната либерализација за Косово.

Во писмото Чешка се повикува и на, како што се наведува, надворешно-политичките причини за укинување на визите за косовските граѓани, потсетувајќи дека и Европската комисија потврдила и се очекува да повтори дека Косово ги исполнило условите.

Според претседавачот на ЕУ, „геополитичкиот пристап (на Унијата) кон Западен Балкан е неопходен“ и потребен е „јасен сигнал дека процесот на проширување на ЕУ е убедлив“.

- Регионот има потреба од јасен сигнал дека процесот на проширување на ЕУ е убедлив и дека ЕУ е подготвена да ги награди напорите за реформи кои ги вложуваат земјите на Западен Балкан, се вели во писмото. иа/паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан