Романскиот генерал Флорини Барбу е нов командант на мисијата ЕУФОР во БиХ
- Романскиот генерал-мајор Флорини Барбу денеска во Сараево ја презеде должноста командант на ЕУФОР од унгарскиот генерал Ласло Штиц.
Сараево, 21 јануари 2025 (МИА) – Романскиот генерал-мајор Флорини Барбу денеска во Сараево ја презеде должноста командант на ЕУФОР од унгарскиот генерал Ласло Штиц.
На церемонијата на примопредавање, Барбу рече дека е голема чест и привилегија да ја преземе должноста командант на мисијата на ЕУФОР, „Алтеа“, но и што неговиот претходник примерно ја водел оваа мисија.
- Генерал-мајор Ласло Штиц со своите напори создаде додадена вредност и тој остава зад себе зајакната мисија. Би сакал да изразам срдечна благодарност до храбрите членови на операцијата ЕУФОР „Алтеа“ од сите земји учеснички за нивната безрезервна посветеност и професионализам, рече Барбу.
Тој додаде дека операцијата „Алтеа“ на ЕУФОР ќе продолжи да биде прибежиште за сите на кои им треба, упориште за соочување со сите предизвици и пат што води кон иднината.
На церемонијата на примопредавање присуствуваа шефот на делегацијата на ЕУ и специјален претставник на ЕУ во БиХ Луиџи Сорека и оперативниот командант на операцијата „Алтеа“ во БиХ, генерал-полковник Хуберт Котеро, како и високи домашни и меѓународни државници. jt/
Фото: ЕУФОР на Х