Романската воена делегација запозната со трансформацијата на македонската Армија и капацитетите на „Криволак“
- За време на официјалниот состанок, романската делегација била запозната со трансформацијата на Армијата, учеството на Армијата во меѓународни мисии на НАТО, ОН и ЕУ, како и капацитетите на армискиот полигон „Криволак“. Дополнително се разговарало за заемна поддршка при исполнување на НАТО - целите на способности и подобрување на интероперабилноста, како и можноста за унапредување на билатералната соработка, вклучувајќи ја и соработката во областа на специјалните сили.
Скопје, 2 септември 2025 (МИА) - Делегација на Вооружените сили (ВС) на Романија, предводена од началникот на Генералштабот на ВС, генерал Георгита Влад, од денеска до 4 септември, престојува во официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија. На официјалната средба помеѓу началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и генералот Влад беше потврдена соработката помеѓу двете армии, што во текот на изминатата и оваа година се оценува како исклучително добра и на високо ниво. Посебно беше нагласена успешната соработка на полето на обуката и вежбите реализирани во рамките на иницијативата Б-9, како и во рамките на билатералните и регионалните активности, нагласуваат во денешното соопштение од Генералштабот.
За време на официјалниот состанок, романската делегација била запозната со трансформацијата на Армијата, учеството на Армијата во меѓународни мисии на НАТО, ОН и ЕУ, како и капацитетите на армискиот полигон „Криволак“. Дополнително се разговарало за заемна поддршка при исполнување на НАТО - целите на способности и подобрување на интероперабилноста, како и можноста за унапредување на билатералната соработка, вклучувајќи ја и соработката во областа на специјалните сили.

- Во рамки на посетата, генералот Влад оствари средба и со министерот за одбрана Владо Мисајловски на која се разговараше за посветеноста на двете земји во зацврстувањето на источното крило на НАТО, за безбедносната состојба во регионот, како и за можностите за развој на билатералната соработка. Министерот Мисајловски во оваа прилика ја нагласи исклучително интензивната одбранбена соработка благодарение на која се зајакнува интероперативноста помеѓу двете сојузнички армии и додаде дека македонските припадници, како и досега, ќе продолжат со својот придонес како дел од НАТО мултинационалните сили во Романија, истакнуваат од Генералштабот.

Покрај официјалните средби, во текот на денешниот ден, како што е најавено, романската делегација ќе го посети и баталјонот за специјални сили во касарната „Илинден“ во Скопје, каде, како што се наведува во соопштението, ќе биде запозната со мисијата, опремата и вооружувањето со што располага баталјонот и ќе присуствува на методско-показна вежба, организирана од единицата.
- Во текот на утрешниот ден, романската делегација, во касарната „Боро Менков“ во Куманово, ќе присуствува на свечената церемонија за примопредавање на должноста на Политичко-воено- управувачкиот комитет и Координативниот комитет на СЕДМ, како и на одбележувањето на 26 години од формирањето на бригадата за Југоисточна Европа (SEEBRIG), посочуваат од Генералштабот.
Се нагласува дека соработката помеѓу Армијата и ВС на Романија се оценува на високо ниво.

- Оваа соработка е надградена во ноември 2023 година со учество на Армијата со свои сили во Романија во рамките на НАТО и тоа, Активноста за зголемена будност - enhanced Vigilance Activity – eVA Battlegroup Initial Operational Capability (денес тоа е во рамките на НАТО активноста „Зајакнати истурени сили“ - Forward Land Forces) и ангажманот на штабен офицер во Мултинационалниот корпус Југоисток (MNC-SE) во Букурешт. Овие активности претставуваат цврста основа за натамошно продлабочување и развој на партнерството меѓу двете армии, потенцираат од Генералштабот. бд/са/
Фото: Генералштаб на Армија на Република Северна Македонија