• четврток, 22 февруари 2024

Родителите на учениците од ООУ „Тодор Јанев“ подржани од наставниците и жители на Чашка и денеска ја бојкотираа наставата

Родителите на учениците од ООУ „Тодор Јанев“ подржани од наставниците и жители на Чашка и денеска ја бојкотираа наставата

Велес, 25 ноември 2023 (МИА) - Родителите на учениците од ООУ „Тодор Јанев“ од Чашка со поддршка од Советот на родители  и денеска ја бојкотираа наставата поради одлуката на   Министерството з аобразование и наука (МОН) да  формира паралелка на албански наставен јазик во училиштето кое според статутот е само за настава на македонски јазик и е во населено место со Македонци, во кое според лична карта на родителите нема регистрирано жител со албански мајчин јазик.

Тие утрово не и дозволија на директорката Елена Николова, поставена од страна на МОН, со асистенција на полицијата да влезе во училиштето. Родителите кои од вторникот ја бојкотираат  наставата, а од петокот ја добија и поддршката од наставниците, од директорката Николова бараат да седне и да разговара со нив за заедничко решавање на проблемот. Воедно, индиректно преку неа родителите и денеска побараа во училиштето што поскоро да дојде министерот за образование и наука Јетон Шаќири за заеднички да седнат и да разговараат за проблемот и заеднички да најдат решение.

Како што потенцира Цвета Пешовска од Советот на родители, со цел со време да се спречат какви било вештачки создадени меѓунационални тензии во ова училиште и да се тргне политиката од наставата, децата како и досега треба да учат во заеднички одделенија. За шесте првачиња од новоформираната паралелка на албански јазик велат дека треба веднаш да се вратат во паралелката со своите соученици Македонци со кои заедно учеа во иста паралелка од 1 септември.

Пешовска, посочи дека тие како родители и сите жителите на населба Чашка немаат никаков проблем со учениците кои сакаат да учат на друг јазик, различен од македонски јазик, да го остварат своето право во засебна паралелка, но во околните населени места каде има училишта со настава на албански јазик. Во населбата Чашка каде, како што вели, нема ниту еден жител којшто зборува на албански јазик не дозволуваат да учат во посебна албанска паралелка, туку како и досега  во заеднички паралелки со нивните врсници Македонци.

Во ООУ „Тодор Јанев“ во населба Чашка во учебната 2023/24 година учат 210 ученици и со 104 во подрачното училиште во село Мелница вкупниот број на ученици изнесува 314. Во населба Чашка настава следат 65 ученици од албанската етничка заедница кои со организиран превоз доаѓаат од населени места Бањица, Отиштино, Горна Чашка, Еловец, Голозинци, Бусилци, Крива Круша и Ново Село. Само шест првачиња од четвртокот се издвоија од паралелката со своите врсници и сега следат настава на албански јазик во засебна новоформирана паралелка која функционира во спална соба на Училишниот интернат кој со одлука на МОН од мај е затворен. Останатите 59 ученици од албанска етничка заедница во ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка и понатаму ќе посетуваат настава во одделенијата од второ до деветто заедно со своите врсници Македонци.

Тие ученици според  наставниците и со реонизација не припаѓаат во ова училиште, туку во населеното место каде живеат и затоа посочуваат дека МОН треба како и што ветиле пред четири – пет години за овие ученици да изгради училиште во местото на живеење. Потенцираат дека тоа е селото Бањица каде од пред неколку години има и локација и маркица за изградба на училиште на албански наставен јазик.

Како што најавија за МИА од Советот на родители на ООУ „Тодор Јанев“ од Чашка“, бојкотот на наставата продолжува и утре и понатаму, се додека МОН не се откаже од намерата за паралелка на албански наставен јазик во ова училиште, односно се додека министерот за образование не дојде и не разговара со родителите за изнаоѓање заедничко решение на проблемот. ад/вј/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан