• недела, 22 декември 2024

Риши Сунак најави одржување на парламентарни избори во Велика Британија на 4 јули (ДПЛ)

Риши Сунак најави одржување на парламентарни избори во Велика Британија на 4 јули (ДПЛ)

Лондон, 22 мај 2024 (МИА) - Премиерот на Велика Британија Риши Сунак денеска разговараше со кралот Чарлс Трети, по што соопшти дека општите избори во оваа земја ќе се одржат на 4 јули.

По објавувањето на датумот за избори, Сунак рече дека „светот е во најопасната ситуација од крајот на Студената војна“, и дека Британците ја избираат својата иднина.

- Одлучуваме дали ќе продолжиме да го надградуваме напредокот што го постигнавме или ризикуваме да се вратиме на почетокот без план и безбедност, истакна Сунак.

Според испитувањето на јавното мислење, се очекува владејачките конзервативци да загубат од опозициската Лабуристичка партија по 14 години на власт. Според анкетите, голема предност има Лабуристичката партија која има 44 отсто од поддршката на населението на Велика Британија. Конзервативците, на кои им припаѓа и Сунак, во моментов имаат поддршка од само 23 отсто од граѓаните.

Ставајќи крај на повеќемесечните шпекулации за датумот на новите избори, Сунак објави дека свикува избори порано отколку што некои очекуваа, што, според британските медиуми, е ризична стратегија со оглед на заостанувањето на неговата партија во анкетите.

Двете партии се подготвени да влезат во изборната кампања со жестоки судири кои се очекуваат за прашањата поврзани со економијата и одбраната.

Сунак и неговата влада ја обвинуваат Лабуристичката партија дека се подготвува да ги зголеми даноците доколку дојде на власт и дека нема јасен план за Британија во се поопасниот свет - обвинувања кои опозицијата ги негира.

Лабуристите ја обвинуваат владата за 14 години лошо управување со економијата, што ги осиромаши луѓето и за недостиг на стабилност потребна за бизнисот. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан