Речиси целосно искористени средствата од унгарскиот кредит наменети за поддршка на домашните компании, премиерот задоволен од инвестицискиот раст
- Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, е задоволен од искористеноста на средствата издвоени од унгарскиот кредит наменети за поддршка на домашните компании, како и од остварениот раст во делот на инвестициските активности кај домашните капацитети.
Кратово, 16 јануари 2026 (МИА) – Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, е задоволен од искористеноста на средствата издвоени од унгарскиот кредит наменети за поддршка на домашните компании, како и од остварениот раст во делот на инвестициските активности кај домашните капацитети.
Тој денеска во изјавата дадена за медиумите во Кратово истакна дека од предвидените 250 милиони евра за оваа намена, досега преку развојната банка на компаниите им се префрлени приближно 225 милиони евра.
- Тоа е тој кредит што условно кажано го субвенционира Владата, со каматна стапка од 1,95 процент, три години грејс-период и до 15 годни рок на отплата. Очекувам веќе во првиот квартал оваа година тој да биде целосно исцрпен заедно со сопствените средства што банките ги инвестираат во развојните проекти на компаниите како поддршка на стопанството и економијата - рече Мицкоски.
Премиерот рече дека во делот на инвестициите Македонија е водечка во регионот, со двоцифрен број на проценти на раст.
- Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па и цела 2025 година, е двоцифрен број на проценти, во споредба со истиот период во рамките на еврозоната тој е два, два и пол процента, така што јас сум навистина задоволен од начинот на кој овие средства се искористени - рече Мицкоски.
Премиерот денеска престојуваше во работна посета на Кратово, каде што ја посети целосно реконструираната голема спортска сала.аб/са/
Фото: принтскрин