• вторник, 14 мај 2024

Ретроспектива „Великаните на Браќа Манаки“ во март во Кинотека

Ретроспектива „Великаните на Браќа Манаки“ во март во Кинотека

Скопје, 6 јуни 2024 (МИА) - Во пресрет на 45-ото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, во текот на месец март, секоја среда во киносалата на Кинотека ќе има ретроспектива на култните филмови чии кинематографери се некои од досегашните лауреати на „Браќа Манаки“.

Како што најавија од Кинотека, на 6 март ќе се прикажува филмот „Амели“ (2001), снимен од францускиот кинематографер Бруно Делбонел, добитник на Специјалната златна Камера 300 за посебен придонес на светската филмска уметност на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2011 година. Филмот е шесткратно номиниран за Оскар, како и добитник на Меѓународната награда и на наградата ASC на Американското здружение на кинематографери и Европската филмска награда за најдобра кинематограферска работа. 

На 13 март ќе се одржи проекција на филмот „Добриот, лошиот и грдиот“ (1966), снимен од италијанскиот кинематографер Тонино Дели Коли, добитник на Златната Камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2002 година, на Меѓународната награда на Американското здружение на кинематографери и на четири Давид ди Донатело награди за најдобра фотографија.

Следната недела, на 20 март, ќе се прикажува филмот „Ерин Брокович“ (2000), снимен од веројатно најголемиот кинематографер на американскиот независен филм, Роберт Лакман, добитник на Златната Камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2019 година, трикратно номиниран за Оскар, последен пат оваа, 2024 година, како и добитник на Наградата за животно дело на Американското здружение на кинематографери и на БАФТА наградата за најдобра кинематограферска работа во игран филм. 

На 27 март ќе се одржи проекција на филмот „Леон професионалецот“ (1994), снимен од францускиот кинематографер Тјери Арбогаст, добитник на Наградата на публиката на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2006 година, како и трикратен добитник на наградата Цезар за најдобра фотографија и на Големата награда за техничко достигнување на Канскиот филмски фестивал. 

Во Центарот за култура Битола ретроспективата на култните филмови ќе се одржува секој понеделник во март.бт/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан