• среда, 30 октомври 2024

Рестартиран нуклеарниот реактор во Онагава, првпат по катастрофата од 2011 година

Рестартиран нуклеарниот реактор во Онагава, првпат по катастрофата од 2011 година

Токио, 29 октомври 2024 (МИА) – Нуклеарниот реактор во електраната Онагава, североисточна Јапонија, денеска повторно почна со работа, првпат по земјотресот и цунамито што го погодија регионот во 2011 година, што доведе до нуклеарна катастрофа.

Како што јави јапонската новинска агенцијата Кјодо, нуклеарниот реактор е рестартиран заедно со десетина други реактори во земјата откако ги исполниле новите, строги безбедносни стандарди.

Реакторот број два во нуклеарната централа Онагава, лоцирана во префектурата Мијаги, сега е првиот реактор од типот на вриење што се рестартира по катастрофата, сличен на реакторите во Фукушима, кои претрпеа топење на горивото.

- Нуклеарната енергија и обновливите извори се клучни за намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Ќе ја зголемиме нивната употреба, но само ако се гарантира безбедноста, изјави портпаролот на јапонската Влада, Јошимаса Хајаши.

Иако Владата работи на рестартирање на нуклеарните реактори, граѓаните сè уште се загрижени за безбедноста.

Хајаши нагласи дека властите ќе продолжат да се подготвуваат за сите можни ситуации во случај на нуклеарна несреќа.

Реакторот во електраната Онагава, управуван од „Тохоку Електрик Пауер“, помина безбедносни проверки во февруари 2020 година и доби локална дозвола за работа. Компанијата инвестираше повеќе од десет години во подобрување на безбедноста, вклучувајќи изградба на висока заштитна ограда и зајакнување на зградата на реакторот.

Сите реактори во електраната Онагава автоматски се исклучија за време на катастрофата во 2011 година. Електраната се наоѓа во близина на епицентарот на земјотресот, што беше со интензитет од девет степени според Рихтеровата скала, а брановите достигнаа висина од 13 метри. Подрумот на реакторот број два беше поплавен, а компанијата „Тохоку Електрик Пауер“ го затвори реакторот број еден. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан