„Репортери без граници“ го осудуваат убиството на новинарот на Ал Џезира во Газа
- Групата за слобода на медиумите „Репортери без граници“ остро ја осуди смртта на новинарот на Ал Џезира во Појасот Газа, нарекувајќи го „убиство за кое израелската армија ја презеде одговорноста“.
Газа, 11 август 2025 (МИА) - Групата за слобода на медиумите „Репортери без граници“ остро ја осуди смртта на новинарот на Ал Џезира во Појасот Газа, нарекувајќи го „убиство за кое израелската армија ја презеде одговорноста“.
-Анас ал-Шариф, еден од најистакнатите новинари во Појасот Газа, беше гласот на страдањето што Израел им го нанесе на Палестинците во Газа, се вели во соопштението на групата, повикувајќи на „решителна акција од страна на меѓународната заедница за запирање на израелската армија“.
Катарскиот телевизиски канал Ал Џезира објави за смртта на петмина свои новинари во израелски напад во Појасот Газа. Меѓу нив е и 28-годишниот Анас ал-Шариф, добро познат новинар на телевизиските гледачи за кого израелската армија призна дека бил цел, нарекувајќи го „терорист“.
Другите убиени медиумски претставници беа дописникот Мохамед Краике, како и снимателите Ибрахим Захер, Мохамед Нуфал и Моамен Алива.
Нивните имиња се додадени на списокот од речиси 200 новинари кои, според „Репортери без граници“, биле убиени во војната, која започна како одговор на крвавиот напад од страна на палестинското движење Хамас на 7 октомври 2023 година.
Според „Репортери без граници“, „Советот за безбедност на ООН треба итно да се состане според резолуцијата 2222 од 2015 година за заштита на новинарите за време на вооружен конфликт“ за да се избегнат „вакви вонсудски убиства на медиумски професионалци“. Организацијата потсетува дека поднела четири тужби против израелската армија „до Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства извршени против новинари во Газа“.
Израелската војска потврди дека го погодила Анас ал-Шариф, опишувајќи го како „терорист“. Според соопштението на Телеграм, тој „се претставил како новинар“, но „бил водач на терористичка ќелија во рамките на терористичката организација Хамас и бил одговорен за подготовка на ракетни напади против израелски цивили и војници“.
„Репортери без граници“ одговори дека овие обвинувања се упатени „без докази“ и ја обвини израелската војска за „повторување на добро позната и веќе докажана практика, особено против новинарите на Ал Џезира“.
-На 31 јули 2024 година, израелската армија ги уби новинарите Исмаил ал-Гул и Рами ал-Рифи во целен напад за кој беше преземена одговорност, обвинувајќи го првиот дека е терорист“, додаде „Репортери без граници“. мс/
фото: МИА архива