• сабота, 27 јули 2024

„Репортери без граници“ бараат преминот Рафа да биде отворен за новинарите

„Репортери без граници“ бараат преминот Рафа да биде отворен за новинарите

Пaриз, 7 декември 2023 (МИА) - Невладината организација „Репортери без граници“ повика денеска Рафа, граничниот премин меѓу Египет и Појасот Газа, да биде отворен за новинарите во време кога израелската армија ги прошири своите копнени операции на целата палестинска територија.

Тој граничен премин на југот на Појасот Газа е под контрола на Палестинците и Египќаните, но во соопштението на организацијата се наведува дека „Израел ги надгледува сите активности на јужната граница и од почетокот на војната четири пати ја бомбардираше граничната капија“.

Во соопштението се повикуваат израелските и египетските власти да ги „отворат вратите“ на граничниот премин „за новинарите конечно да одат на двете страни на границата“.

Се нагласува и дека новинарите кои морале да се евакуираат од север добиле наредба од Израел да се соберат на границата со Египет, немаат можност да ја преминат, а странските новинари се спречени да влезат во Газа.

За време на двомесечната војна, на ниту еден новинар не му беше дозволено да влезе во Појасот Газа преку Рафа, „што јасно ја поткопува способноста на медиумите да известуваат за конфликтот“, се додава во соопштението.

Педесет и осум новинари се убиени во Газа, вклучително и 14 на должност во израелските напади, се наведува во соопштението. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан