• петок, 05 декември 2025

Реконструкција на училиштето „11 Октомври“ во Центар

Реконструкција на училиштето „11 Октомври“ во Центар

Скопје, 8 август 2025 (МИА) - Општина Центар започна со реконструкција на ООУ „11 Октомври“ во населбата Пролет и информира дека се заменуваат  подовите во три кабинети и пет училници, се обновуваат подовите со стругање и лакирање во дополнителни три училници, гипсарски работи и предвидено е молерисување на целиот училиштен објект.

Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски информира дека градежно-занаетчките активности во ООУ „11 Октомври“ се „дел од континуираните заложби за подобрување на условите во сите општински училишта“.

-Летниот период го користиме за подобрување на условите во училиштата во Центар. Оваа недела, неуморно работиме на реконструкција на школото „11 Октомври“, за учениците да имаат подобра настава. Секоја реконструкција е вложување во иднината, а здравата, чиста и функционална средина е предуслов за квалитетно образование и за личен развој на учениците. Остануваме посветени на тоа сите деца во Центар да учат во модерни и безбедни услови, без исклучок, вели Герасимовски.

Општина Центар наведува дека оваа реконструкција доаѓа по низа инвестиции во истото училиште и дека досега била темелно реконструирана училишната трпезарија со површина од 165 квадратни метри, варосана  фискултурната сала и целосно биле обновени тоалетите. хс/вј/ 


Фото: Општина Центар

 

 

Остани поврзан