Реконструкција на улицата „8-ми март“ во Берово
- Општина Берово започна со реконструкција на улицата „8-ми март“ во рамки на Програмата за изградба на локални улици и патишта за 2025 година.
Берово, 20 септември 2025 (МИА) – Општина Берово започна со реконструкција на улицата „8-ми март“ во рамки на Програмата за изградба на локални улици и патишта за 2025 година.
Станува збор за делница со должина од 70 метри и променлива широчина, која целосно ќе биде поплочена со бехатон плочки. Со тоа ќе се подобри пристапноста до имотите на жителите и условите за движење на граѓаните.
Вкупната вредност на проектот изнесува 580.383 денари, средства што се целосно обезбедени од Буџетот на Општина Берово за 2025 година.
– Со реализацијата на овој зафат продолжуваме со инвестиции во подобрување на комуналната и патната инфраструктура, со цел создавање на поквалитетни услови за живот на сите граѓани, изјави градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски.
Во рамки на програмата, Општина Берово најавува дека и во текот на следниот период ќе продолжи со реконструкција на повеќе локални улици и пристапни патишта, со што се очекува значително да се подобри урбаното живеење и општата безбедност во сообраќајот. вс/
Фото: МИА