• среда, 10 јули 2024

Реконструкција на поранешни простории на архив во рамки на Занаетчиски дом Куманово

Реконструкција на поранешни простории на архив во рамки на Занаетчиски дом Куманово

Куманово, 10 јули 2024 (МИА) - Почна реконструкцијата на поранешните простории на Државен архив – Куманово, во склоп на занаетчискиот дом, информираше денеска градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Во внатрешноста се спроведува санација, адаптација и се реконструира од некогашниот архив. За реализација на проектот општината од буџетот одвои 9.097.375 денари со данок на додадена вредност. Како што е наведено на системот за јавни набавки, претходно избраната компанија го добила тендерот и за поставување на заштитно скеле за одржување на безбедноста на минувачите, за што од буџетот беа одвоени 899.514 илјади денари.

Внатрешноста се реконструира со претходно добиено одобрение од Министерство за транспорт и врски, бидејќи се работи за објект за посебно значење од градот, споменик на културата, со претходно одобрено конзерваторско одобрение, информираа претходно од секторот за урбанизам од општина Куманово. Тие појаснуваат дека автентичноста целосно ќе се задржи во внатрешноста, ќе се промени водоводна и електрична инсталација, ќе се адаптира дел од просторот за поголема функционалност.

Претходно, во 2016 беше санирана внатрешноста на објектот трите ката преку проект на центарот за развој на североисточниот плански регион и преку средства обезбедени од општината. Со приближно 20 милиони денари се санираше внатрешноста, се менуваше столаријата, изолацијата, затоплувањето, се заменија санитарните јазли, електричната инсталација.

Домот на занаетчиите е дело на рускиот архитект Владимир Антонов, изграден по иницијатива на занаетчиите, а пуштен во употреба 1930 година. Објектот е еден од најрепрезентативните, белег на Куманово. Изграден во периодот помеѓу двете светски војни, кога Куманово бил претежно занаетчиски град. На иницијатива на занаетчискиот еснаф, во декември 1923 година била донесена одлука за активирање на фонд за изградба на домот. Камен темелник на занаетчискиот дом бил удрен при крајот на мај 1930 година, во време на светска економска криза. Објектот бил изграден за шест месеци, а на свеченото пуштање во употреба на 21 ноември 1930 година, била организирана свеченост со присуство на претседателот на тогашната Влада на Кралството Југославија. ам/цр


Фото: Општина Куманово

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан