• вторник, 14 мај 2024

Реконструиран кровот на клонот „Развигорче“ во штипската населба Автокоманда

Реконструиран кровот на клонот „Развигорче“ во штипската населба Автокоманда

Штип, 13 март 2024 (МИА) - Заврши реконструкцијата на клонот „Развигорче“ при детската градинка „Вера Циривири-Трена“. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека завршила промената на кровната конструкција и поставување на фотоволтаици.

-Кога влеговме во самата административна зграда и во зградата во која се врши воспитно-згрижувачкиот процес наидовме на оштетени и руинирани ѕидови, на оштетена внатрешност од влагата и од тоа што кровната конструкција со години наназад протекувала. Тоа и беше и главната причина, заради која во изминатите месеци се направи промена на кровната конструкција и дополнително поставување на фотоволтаични панели, вели Јорданов.

Вкупната инвестиција во реконструкција на овој објект, каде се згрижуваат околу 200 дечиња од населбата Автокоманда во Штип изнесува околу 200.000 евра или 12 милиони денари.

-Педесет проценти од инвестицијата е од буџетот на Општина Штип, а 50 отсто е од Словенечката амбасада. Сакам да се заблагодарам на поддршката која ја добивме во однос на реализација на овој проект. Веќе гледате дека во внатрешноста на самата зграда се подобрени и реконструирани просториите, подобрени се условите за да се непркинато одвива воспитно-згрижувачкиот процес, додаде Јорданов.

Директорката на детската градинка „Вера Циривири-Трена“, Ивана Ангеличкова е задоволна што конечно клонот „Развигорче“ има одлични и современи услови за згрижување на децата.

-Треба да напоменеме дека кровот беше со азбестни плочи, коишто се штетни, исто така поставени се фотоволтаици врз кровната конструкција со што ќе придонесеме за штедење на електрична енергија, изјави Ангеличкова.

Вработените во овој објект, кој се наоѓа во населбата Автокоманда биле вклучени санирањето и уредувањето на ѕидовите. Ангеличкова најави дека следна задача е уредување на дворното место. Во сите објекти на градинката „Вера Циривири-Трена“ - Штип се згрижени вкупно 680 дечиња. вдјсст/

Фото: МИА 

Остани поврзан