Реконструирана спортската сала во Електро - машинското училиште во Кавадарци
- Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев денеска рече дека спортот е многу важен сегмент, а подобрувањето на севкупните услови за учениците и вработените, придонесува за зголемен интерес за учење во оваа воспитно - образовна установа.

Кавадарци, 27 ноември 2024 (МИА) - Реконструирана е спортската сала во Електро - машинското училиште „Киро Спанџов - Брко“ во Кавадарци. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев денеска рече дека спортот е многу важен сегмент, а подобрувањето на севкупните услови за учениците и вработените, придонесува за зголемен интерес за учење во оваа воспитно - образовна установа.
- Останува уште да се изработи комплетен проект за доградба на уште шест училници и реновирање, за што подобри услови и најсовремена опрема. Стручните училишта се подлога за стопанството, но и за идните академски кадри, истакна градоначалникот.
Директорот на училиштето, Душко Лазов нагласи дека бенефитот е пред сѐ за учениците, за реализација на наставните планови и програми.
- Бенефит и за вработените, затоа што прекрасни услови придонесуваат за што поквалитетна настава и за можности за воннаставни активности и тренинзи, рече директорот.
Во името на училиштето, тој изрази благодарност за поддршката до локалната самоуправа и општествено одговорните компании „Дрекслмаер“ и „Кожувчанка“.
Директорот на „Дрекслмаер“, компанија што со донација имала голем удел во реконструкцијата, Томаш Мацура изрази благодарност за соработката и најави дека таа соработка ќе продолжи и во иднина. свд/бд/
Фото: МИА