• петок, 22 ноември 2024

Регулаторна комисија донесе нов тарифник за цената на водата за пиење, годинава цената за штипјани се зголемува за три денари

Регулаторна комисија донесе нов тарифник за цената на водата за пиење, годинава цената за штипјани се зголемува за три денари

Штип, 14 февруари 2024 (МИА) - Цената на водата за пиење за штипјани се зголемува за три денари во текот на оваа година. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Кирил Зајков денеска изјави  дека иако не поднеле барање за зголемување на цената, сепак од Регулаторна комисија донесен е нов тарифник на цената на водата за пиење за наредните три години.

-Претходната регулаторна тарифа беше со временски период до декември 2023 година, што значи дека Регулаторната комисија донесе нова тарифа која ќе важи од 2024 до 2026 година. Точно е, во образложението има дека Јавното претпријатие не поднело барање за утврдување на регулаторна рамка. Станува збор за цена на вода која не е покачена, туку е усогласена со стапката на инфлација за висината на плати кои ќе следуваат во периодот и тоа е покачување од три денари. Процентуалното зголемување на ХС „Злетовица“ кон Јавното претпријатие е во истиот ранг. Јавното претпријатие не побарало покачување на водата, меѓутоа сега има обврска да наплатува по оваа цена, рече Зајков.

Тој денеска одржа и прес-конференција на  Градската депонија во Штип, којашто според него никогаш не била почиста и посоодветно третирана. Потенцираше дека ова е дел од пилот проектот за селекција на отпад кој првично се воведе во населбата Осми Ноември. На таков начин граѓаните ќе селектираат отпад, со што  ќе биде почиста животната средина, а на депонијата ќе се депонира само селектиран отпад. Дополнително вели, депонијата нема да биде предмет на постојано палење, и ќе се одржува чиста во иднина.

-Апелираме до граѓаните да ја користат примарната селекција бидејќи на вака уредената депонија на овој начин ќе се намали количината на комунален отпад кој ќе заврши овде. Ќе се намали и карактерот на самиот комунален отпад односно интересот на тие неформални собирачи на отпад бидејќи овде ќе завршува само отпадот кој е комунален и не е штетен за здравјето на граѓаните, посочи Зајков. вдј/вј/

Фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан