• сабота, 21 декември 2024

Реализирани бројни инвестиции и нови вработувања, заменик министерката за здравство Манолева го посети Здравствен дом Неготино

Реализирани бројни инвестиции и нови вработувања, заменик министерката за здравство Манолева го посети Здравствен дом Неготино

Неготино, 11 март 2024 (МИА) - Бројни инвестиции  се реализирани и нови вработувања, истакна денеска заменик министерката за здравство Маја Манолева, при нејзината посета на Здравствен дом Неготино. 

- Во изминативе шест години, тука се реализираа бројни инвестиции со што се унапреди здравствената заштита за пациентите. Комплетно е опремена биохемиската лабораторија, како и службата за физикална медицина и рехабилизација со нова апаратура, простор и кадар, информираше Манолева. 

Таа соопшти дека e набавена нова опрема за Службата за рентген дијагностика и за Службата за Итна медицинска помош, со домашно лекување, којашто се дислоцира во нов реновиран простор. Заменик министерката додаде дека возниот парк се зајакна со две нови санитетски возила и три патнички моторни возила за потребите на Поливалентната патронажна служба за првпат и за руралните средини.

- Во делот на инфраструктурното подобрување, потпишан е договор за реализација на проект за енергетска ефикасност. На дел од објектот поставени се нови пвц прозори и врати и извршена е реконструкција на надворешните приоди со уредно осветлување, појасни таа. 

Покрај вложувањето во опрема и инфраструктура, Манолева подвлече дека Здравствениот дом реализираше и 42 вработувања на здравствени работници и административно-технички персонал. Реализирани се седум специјализации, а упатени на специјализација се и четири доктори на медицина.

- Особено сме горди што статутот на оваа установа се прошири со нова дејност „Неврологија“ со што на пациентите им е овозможен и ваков тип на здравствена услуга. Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија, во изминатиот период покажаа како се работи во интерес на пациентите и здравствениот персонал. Со истото темпо, продолжуваме и во следниот период, истакна Манолева. 

Задоволство од инвестициите и вработувањата изрази и в.д. директорката Билјана Филипова. 

- Сакам да истакнам дека најголемиот дел од тоа што го спомена заменик министерката за здравство се однесува на набавки од сопствени средства, покрај тековните редовни набавки на установата, рече директорката Билјана Филипова, споменувајќи ги и донациите од Министерство за здравство, Влада на РCM, Министерство за финансии, Јапонска Амбасада. 

Таа ги спомена и големиот број општествено одговорни компании и физички лица кои несебично и доброволно излегле во пресрет со свои донации.

- Со што, заедно овозможивме подобри услови за лекување на населението од општините Неготино и Демир Капија, како и за подобри услови за работа. За што, изразуваме огромна благодарност. Докажавме дека сите заедно, сложно, можеме да направиме подобро за сите нас. Да продолжиме и понатаму така, порача директорката. свд/сст/


Фото : МИА

Остани поврзан