Реализирана првата собирна акција на текстилен отпад во Крива Паланка
- Во организација на Општина Крива Паланка и „Тексомак" денеска се одржа првата собирна акција на текстилен отпад во Крива Паланка насловена „Твојата стара облека – нова шанса за природата".

Крива Паланка, 11 април 2025 (МИА) - Во организација на Општина Крива Паланка и „Тексомак" денеска се одржа првата собирна акција на текстилен отпад во Крива Паланка насловена „Твојата стара облека – нова шанса за природата".
- Животната средина и хуманоста на граѓаните се во фокусот на Општина Крива Паланка. Денес под мотото „Твојата стара облека – нова шанса за природата”, заедно со колективниот постапувач за текстил Тексомак, организиравме акција за собирање на отпад, а од денес ѓраѓаните отпадниот и непотребен текстил можат да го депонираат на повеќе локации во градот, во контејнери обележани за соодветната намена. Ацијата беше со хумана компонента, собраниот текстил ќе биде предселектиран, по што сочуваниот текстил ќе се подари на луѓе на кои им е потребен, додека оштетениот текстил ќе се рециклира и преработува, овозможувајки циркуларна економија. Исто така, во основните училишта и во детската градинка „Детелинка" се одржаа работилници за подигнување на свеста на најмладите за важноста за зачувување на животната средина, информира службата за комуникација со јавноста при Општина Крива Паланка.
Во текот на денот претставници на Општина Крива Паланка и колективниот постапувач оствариле работна средба со текстилните компании од Крива Паланка со цел координирање на начинот на кој ќе се селектира и рециклира отпадот.
Покрај акциите за собирање текстилен отпад, општината организира и акција за селекција на електронски отпад, а до крајот на месецот ќе се организира и прва акција за собирање хаварисани возила на подрачјето на Крива Паланка.
Фото: Општина Крива Паланка