• недела, 22 декември 2024

Реакција на Синдикалната организација при МАНУ на соопштението на раководството на Академијата по заедничката прес-конференција со УПОЗ

Реакција на Синдикалната организација при МАНУ на соопштението на раководството на Академијата по заедничката прес-конференција со УПОЗ

Скопје, 5 септември 2024 

За жал, реакцијата на раководството на МАНУ е секогаш иста – барање трпеливост и префрлување на одговорноста за решавање на егзистенцијалното прашање на вработените во Секретаријатот и во стручните единици на оваа институција на другите структури на државата, иако ова прашање за своите вработени го решија сите научни и високообразовни установи во државата освен највисоката научна и уметничка установа од посебен интерес за Републиката. 

Дали е лицемерна реакцијата на раководството на МАНУ ќе оставиме да оцени јавноста откако ќе го увиди соодносот на академската награда (редовен месечен надоместок кој им следува на академиците и покрај нивните редовни месечни примања по основ на плата и пензија, во зависност од тоа дали се во работен однос или го имаат остварено правото на пензија) во последните десетина години пред донесувањето на Законот за МАНУ со кои се регулирани платите („Службен весник на РМ“ бр. 5/2009) наспроти висината на последните исплати. 

Затоа, денеска, за таа цел, Синдикалната организација при МАНУ ќе упати барање до МАНУ за доставување информации од јавен карактер во однос на висината на академската награда, која не е утврдена со Законот за МАНУ, и висината на платите на вработените во Секретаријатот и во стручните единици на МАНУ, со средно и со високо образование, и во организационите единици при МАНУ, за наведениот период. Бараните податоци јавно ќе ги објавиме, а во случај на нивно недоставување, Синдикалната организација при МАНУ ќе спроведе постапка во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Истовремено, посочуваме дека МАНУ, и покрај организираниот штрајк на службите, овие податоци може да ги обезбеди од Министерството за финансии, така што очекуваме дека нема да се попречи проследувањето на оваа информација до јавноста, од која ќе станат појасни многу работи и ќе се оневозможи натамошно манипулирање со неа и со структурите во државата.

Во јавноста особено одекна информацијата за недоличното однесување (пцости, навреди и уцени) на некои академици кон вработените кои го остваруваат своето право на штрајк, што е разбирливо со оглед на нивниот статус во општеството. За да се избегне генерализирање на работите, уште еднаш напоменуваме дека станува збор за мал број академици кои манифестираа нетрпеливост уште на првиот ден од штрајкот иако истите тие повеќе од две години повикуваат на трпеливост на вработените за решавање на ова прашање. Но, во овој момент не би ги обелоденувале нивните имиња имајќи предвид дека, по одржаната прес-конференција, истите академици се повлекоа од своето некоректно однесување барем засега.

Ве информираме дека тековно ќе ја запознаваме јавноста за состојбите во МАНУ.

Синдикална организација при МАНУ        

________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото МИА архива                                          

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан