Растaт тензиите меѓу Словачка и Украина поради спорот и обвинувањата за гасот
- Дипломатскиот јаз меѓу Братислава и Киев се продлабочи поради одлуката на Украина да го прекине транзитот на руски гас преку Словачка и меѓусебните обвинувања во врска со енергетската политика, јави ДПА.
Братислава, 30 јануари 2025 (МИА) – Дипломатскиот јаз меѓу Братислава и Киев се продлабочи поради одлуката на Украина да го прекине транзитот на руски гас преку Словачка и меѓусебните обвинувања во врска со енергетската политика, јави ДПА.
Словачкото Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека го повикало украинскиот амбасадор Мирослав Кастран за да му пренесе „силен протест поради изјавите на украинските власти“.
Министерството ги осуди коментарите како „мешање во внатрешните работи на Република Словачка“, се вели во соопштението во кое имала увид ДПА.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна го критикуваше словачкиот премиер Роберт Фицо, обвинувајќи го дека ја претпочита Русија пред САД и западните сојузници со тоа што одбива да купи американски гас.
Претходно, Фицо го критикуваше Зеленски за неговата одлука да го запре транзитот на руски гас преку Словачка на почетокот на годината, потег што тој вели дека нанел значителна економска штета на Словачка.
Украинското Министерство за надворешни работи во вторникот го критикуваше Фицо во соопштение на својата веб-страница.
- Фицо, во екот на падот на довербата во словачкото општество и протестите против неговиот проруски курс, прибегна да ги бара непријателите и ги најде … во Украина, се вели во соопштението. Фицо и другите парламентарни лидери на Словачка биле „отруени од руската пропаганда“, се додава.
Изјавата се однесува на сомневањата што ги изрази Фицо дека мрежите со врски со словачката опозиција и украинските кругови се подготвуваат да ја „дестабилизираат“ Словачка.
Фицо тврди дека ова е обид за соборување на неговата демократски избрана влада, повикувајќи се на извештај на тајната служба.
Членката на ЕУ и НАТО Словачка е повеќе зависна од рускиот гас од речиси која било друга земја во Европа, потсетува ДПА. јт/
Фото: МИА архива