• сабота, 23 ноември 2024

Распишан огласот за „Истражи ја ЕУ“, може да аплицираат и македонски државјани родени во 2005 година 

Распишан огласот за „Истражи ја ЕУ“, може да аплицираат и македонски државјани родени во 2005 година 

Брисел, 5 октомври 2023 (МИА) - Европската комисија го објави новиот оглас во рамки на проектот „Истражи ја ЕУ“, во чии рамки на 36.000 млади луѓе родени во 2005 година ќе им бидат доделени бесплатни билети за патување низ Европа, на кој можат да се пријават и македонски државјани. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, право за пријавување на огласот, кој ќе трае до 18 октомври во 12 часот по средноевропско време, имаат родените во периодот од 1 јануари до 31 декември 2005 година. 

За да добијат билет за патување, младите треба да аплицираат на Европскиот младински портал и да одговорат на квиз прашања. Одбраните апликанти ќе можат да патуваат низ Европа во период до 30 дена од 1 март 2024 до 31 мај 2025 година.  

На огласот може да аплицираат млади од Европската Унија и од земјите опфатени со Програмата Еразмус+, односно Северна Македонија, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Србија и Турција. 

Учесниците ќе можат да ја истражат новата европска Баухаус рута, започната во јануари 2023 година, која има за цел да ги инспирира младите луѓе при изборот на нивните дестинации и да ја подигне свеста за важноста Европската Унија да биде „убава, одржлива, обединета“. Тие ќе може да комбинираат различни дестинации, да ги посетат европските престолнини на културата и места од листата на светско наследство на УНЕСКО или носители на ознаката за европско наследство. 

Од 2018 година во рамки на овој проект се доделени 248.000 билети за патување на млади Европејци. сп/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан