• четврток, 24 октомври 2024

На МТФ „Војдан Чернодрински“ разговори за претставата „Иванов“ на МНТ

На МТФ „Војдан Чернодрински“ разговори за претставата „Иванов“ на МНТ

Прилеп, 9 јуни 2024 (МИА) - Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што се одржува во Прилеп и денеска понуди богата програма. Денот беше посветен, главно, на големиот драмски автор и професор Горан Стефановски, а денешните разговори на тркалезната маса беа посветени на синоќешната, втора, претстава во официјалната конкуренција „Иванов“ на МНТ од Скопје, според Чехов во режија на Зоја Бузалковска.

Според режисерката Бузалковска, поминала точно една година од поставувањето на драмата на Чехов во МНТ. Тоа е приказна за интелектуалецот ставен на маргините на општеството, а сценографијата со поставена карпа која треба да се искачува, ги одразува превирањата во внатрешниот свет на главниот лик.

- Точно пред една година ја поставивме претставата. Со адаптацијата сакав да се засилат некои линии. Ја имав предвид борбата на поединецот, интелектуалецот, со една средина, со празните муабети, со медиокритетите. Интелектуалецот е на маргините, истуркан од општеството, рече Бузалковска.

Поставувањето на карпата, како главна сценографија побарала и физичка и умствена подготвеност на актерската екипа која имала помош од македонски алпинисти.

- Овој процес беше возбудлив. На три нивоа - физички, ментално и за целиот склоп на претставата. Имаше многу адреналин, но заедништвото е најбитно. Секој од секого зависеше, рече актерот Ѓорѓи Јолевски.

Вечерва од 19:30 часот, во официјалната програма на Фестивалот е претставата на струмичкиот театар „Црна дупка“ од Горан Стефановски во режија на Љупчо Ѓоргиевски. ем/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан