• четврток, 14 ноември 2024

Работна средба „Учи паметно-работи стручно“ во Охрид посветена на концептот за дуално образовние

Работна средба „Учи паметно-работи стручно“ во Охрид посветена на концептот за дуално образовние

Охрид, 31 јануари 2024 (МИА) – Позитивните искуства од концептот на дуалното образование, на образовните профили што ги нудат училиштата во кои се спроведува таквиот образовен процес, искуствата на самите ученици како и на компаниите беа тема на денешната работна средба насловена „Учи паметно-работи стручно“ одржана во Општинското средно електромашинско училиште „Свети наум Охридски“ во Охрид.

Средбата на претставниците на трите стручни средни училишта од градот и локалните компании се во насока на размена на мислења за подобрување на меѓусебните врски, подобрување на наставните програми и планови, нивно натамошно прилагодување кон потребите на локалниот пазар на труд.

Електромашинскиот училишен центар од Охрид има соработка со некаде 40 компании вклучени во дуалниот образовен концепт.

- Оваа учебна година од 820 ученици во ЕМУЦ во Охрид, 450 се во дуална настава. Две генерации ученици од нашето училиште веќе завршија дуално образование и тоа насоките техничар за индустриска мехатроника и производно машинство. Дел од нив веќе се вработени во локални компании. Оние со подобар успех го продолжија образованието, некои добија и стипендии од компаниите, за по завршувње на студиите да бидат професионално ангажирани кај нив, посочи Сашо Недески, директорето на ЕМУЦ „Свети Наум Охридски“. Тој изрази задоволство што досегашните искуства покажуваат дека некаде до 40 проценти од завршените ученици во центарот веќе се професионално ангажирани во некоја од локалните индустриски и производствени капацитети.

Oхридскиот регион како туристички центар последните години се соочува со недостиг од соодветен кадар од областа на туристичките и угостителските услуги. Директорот на Регионалниот центар „Ванчо Питошески“, Марјан Радески, истакна дека установата меѓу другото, и со воведување на концептот  за дуално образование, се обидува да го надомести дефицитот, но смета дека потребна е поголема соработка со локалните туристички и угостителски субјекти.

- Со поддршка на Министерството за образование воведени се и стипендии што ги мотивираат и привлекуваат децата да се запишуваат. Последните години имаме некаде до 18 проценти поголем број запишани ученици...Како установа сме подготвени да ги задоволиме потребите на пазарот на труд, но потребна е подобра соработка со локалните хотели, ресторани, туристички агенции, за преку заеднички ангажман да продонесеме за поголем интерес кај учениците за секторот и секако за креирање подобро испрофилиран кадар, рече тој.

Самите компании генерално задоволни од дуалниот метод на образование. Леарницата „ЛТХ“ уште од првата година е вклучена во процесот на воспоставување дуален начин на едукација. Претставниците на компанијата посочија на процесот на воспоставување соработка, предизвиците наметнати од тој процес.

- На почетокот тимаше потешкотии во координација на активностите, дефинирање тимови во самата компанија одговорни за учениците што  доаѓаат на пракса. Со годините се исфилтрираа некои работи, веќе имаме сертифицирани ментори...Секоја година доаѓаат се поквалитетни ученици и кадри, така што овој процес  генерално е позитивен, со простор за натамошно подобрување, очекуваме во иднина и подобри резултати,  рече Наташа Јовческа, директорка во „ЛТХ“

Општина Охрид и локалната самоуправа од своја страна, како што беше истакнато, дава силна поддршка на таквиот процес, вложува средства во подобрување на условите за образование, во набавка на потребна опрема и средства за изведување настава, а има склучено и меморандуми со локалните компании за изведување практична настава. 

- Часовите во училиште надополнети со практична настава во компанија даваат бенефет за самите ученици, а и самите компании добиваат едуциран кадар согласно нивните потреби... Истовремено тоа значи позитивно придвижување на локалната економија, како и создавање можност за младите да најдат соодветна работа тука. Веруваме дека доколку младиот човек ги пронајде своите желби и амбиции односно се пронајде во професијата тука, сметаме дека дома би му бил првиот избор наспроти заминувањето во странство, рече Димитар Спасески, раководителот на Одделението за образование при Општина Охрид.

На денешната средба, трета по ред организирана на иницијатива на локалната самоуправа, се очекува да биде посочено какви профили кадар, односно вработени со какви знаења и вештини им се потребни на компаниите, дали компаниите би примиле ученици на практична настава (од кои струки/профили), кои се евентуалните пречки со кои се соочуваат компаниите во врска со спроведувањето на практичната настава, како истите да се надминат, а да произлезат и практични начини и конкретни предлози за унапредување на односниот концепт на дуално образование. аб/са/

Фото: МИА

Остани поврзан