• петок, 22 ноември 2024

Работна средба во Куманово за ДУП во „Стари лозја“

Работна средба во Куманово за ДУП во „Стари лозја“

Куманово, 27 февруари 2024 (МИА) - Жителите на „Стари Лозја“ по децении ќе добијат детален урбанистички план, соопштија денеска надлежните од локалната лидерска група на Општина Куманово формирана во рамки на програмата на Хабитат „Домот е еднаквост“. Во ова населено место според процените на општината има околу седум илјади жители на површина од околу 21 хектар. Станува збор за густо населено подрачје.

Ахмет Јашаровски од одделението за локален економски развој од општина Куманово информираше дека локалното население. Процесот според него треба да почне со реализација по два месеци, што зависи од изведувачот. „Хабитат“ ќе треба да објави тендер и да се почека на завршување на процедурата.

- Согласно зацртаното и проблемите со кои се соочуваат граѓаните во населбата „Стари лозја“ увидовме дека најгорлив проблем за нив е инфраструктурата, канализациска мрежа, асфалтирање на улиците и секако легализација на домовите. Тоа се главните компоненти на кои треба да се работи, изјави Јашаровски.

Заменик-директорот на програмата, Лилјана Алчевска појасни дека активностите се дел од кампањата „Домот е еднаквост“, предводена од Хабитат Македонија, заедно со партнерските организации ширум светот, кои иницираат промени на политиките на локално, национално и глобално ниво, за да се зголеми пристапот до соодветно домување за луѓето кои живеат во неформални населби. Во државава се спроведува во Шуто Оризари и Куманово.

- Проектот се однесува на унапредување на квалитетот на живот на луѓето во маргинализирани населби. Областа за која ќе се прави детален урбанистички план е дел од т.н „Стари Лозја“. Во урбаниот блок опфатени се помали урбани единици. Луѓето ќе можат да ги легализираат објектите и ќе се отвори можноста на општината да се подобри инфраструктурата. Во Куманово ќе се изработи и локален акциски план за развој на домување во „Стари лозја“ и за урбаниот развој во месноста каде живее ромско население, кажа Алчевска.

Урбаниот развој подразбира удобности и услови кои им овозможуваат поефикасен пристап до здравствени, образовни установи, за остварување на економски интереси, со добра инфраструктура тротоари, пат, квалитетно делување.

Претседателката на советот на општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска рече дека е направен опфат на ниво на општината со цел да бидат опфатени поголем број куќи каде претежно живее ромско население.

- Проблем за нас е што куќите не се легализирани, непостоечки ДУП и не може да се работи на инфраструктура. Очекуваме по донесувањето на планот да почнеме со работа и да овозможиме квалитетно домување, изјави Ѓорѓиевска.

Општината Куманово и Хабитат потпишаа и Меморандум за соработка. ам/ир

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан