• сабота, 21 декември 2024

Работната група ја усвои Предлог иницијативата за измена на Уставот (ДПЛ)

Работната група ја усвои Предлог иницијативата за измена на Уставот (ДПЛ)

Скопје, 26 мај 2023 (МИА) – Работната група на денешната седница ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија. Предлогот ќе се достави до Владата која ќе треба да ја проследи иницијативата до Собранието каде ќе ги помине сите работни тела.

- Состанокот заврши успешно, едногласно ги донесовме сите одлуки, имавме плодна дискусија, имаше презентација на едни, на други аргументи, но она што е најважно е дека се согласивме со она што е предлог за пристапување кон измена на Уставот на РСМ со одредени насоки, изменувања и дополнувања таму каде што треба. Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. После бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ, изјави по состанокот претседателката на работната група, Маргарира Цаца Николовска. 

Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во амандманот 34 кој е заменет со член 49 и амандманот 2. Во овој амандман на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, после бошњачкиот народ се додаваат зборовите бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ. 

Таа соопшти дека има измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците заради тоа што сега се јавува поголем број на народи кои можат да продуцираат поголем број пратеници и да има пратеници во Комитет на заедници. 

-Тука е бројот 43, запазен е паритетот, со тоа што по 16 члена од редовите на пратениците во Собранието од редовите на Албанците и Македонците, по еден од редот на пратениците во преамбулата, со тоа што доколку некоја од заедниците нема пратеници, тогаш останува Народниот правобранител по консултации со релевантните претставници на тие заедници да предложи членови на Комитетот, рече Цаца Николовска.

Работната група изготвила и кратко образложение за иницијативата и нејзината основаност и оправданост.

- Ова е наративниот текст. Јас ги прочитав измените и одредените членови во Уставот, меѓутоа амандманите после ќе треба да се припремат во текстот така како што треба да се презентираат пред Собранието. Сега да посакаме успешна работа и на Собранието, да ги прифатат овие да речам предлог-измени, за да може понатаму државата успешно да ја тера постапката во остварување на заедничката стратешка цел - влез во Европа, изјави Цаца Николовска. 

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со предлози за други уставни промени, таа рече дека имало и такви, но не одлучувале по истите.  

– Имаше предлози, меѓутоа тие предлози само како предлози ги имавме предвид во однос на презентирање, а инаку не сме одлучувале по истите. Прво, заради тоа што е ова првенствена работа која што требало да ја завршиме, а второ заради тоа што тие измени не биле на некој начин и побарани од нас. Меѓутоа, сепак, со оглед на тоа да имаше одредени презентации, немаше ништо проблематично во тоа да ги слушнеме, а кога ќе дојдат на ред, не се знае, во секој случај, рече таа.

Николовска вели дека „Уставот секако ќе се отвора“ и порачува дека е пожелно тоа да се случи пред пристапувањето кон Европската Унија.

- Дај боже да се отвори Уставот пред пристапот и тогаш веројатно ќе има и некои други предлози кои што одредени луѓе ќе сметаат дека ќе треба да се стават во Уставот. Има проблеми во Уставот, не е Уставот книга која што сѐ има решено, напротив. Меѓутоа, за тоа можеме дополнително да зборуваме, рече таа.  

На прашањето дали, доколку се изгласа потребата за промена на Уставот во Собранието и доколку овие предлози стигнат до Уставната комисија, и таму има одредени амандмани повторно би се активирале како работна група, или таа како нејзин претседател, таа одговори дека не може да каже како понатаму ќе се однесуваат пратениците. 

 – Ова е нешто кое што ние го имаме како обврска. Тоа го направивме. Како понатаму ќе се однесуваат пратениците и како Комисијата за уставни прашања не можам да ви кажам. Во секој случај ќе бидете известувани, ќе знаете што ќе се работи, како ќе се работи, рече Цаца Николовска. ар/дма/

Фото:МИА

 

Остани поврзан