• вторник, 23 април 2024

Работилница во Прилеп: Да се подигне свеста и да се пријавува насилството врз девојчињата и жените

Работилница во Прилеп: Да се подигне свеста и да се пријавува насилството врз девојчињата и жените

Прилеп, 6 декември 2023 (МИА) - Со работилница насловена „Обединети против насилството врз девојчињата и жените“ што денеска се одржа во големата сала од локалната самоуправа, Прилеп се вклучува во кампањата „Шеснаесет дена активизам против насилството“.

До крајот на ноември во прилепскиот Центар за социјални работи има пријавено 89 случаи, главно на семејно насилство и најмногу врз жените, но само 30 случаи се проследени да постапува судот. Економската зависност, срамот од околината и давањето втора шанса на насилникот, сѐ уште се стигми за да се пријави семејното насилство врз девојчиња и жени, анализираат од прилепскиот Центар за социјални работи.

- По добивањето на пријавата, итно, најдоцна во рок од 12 часа имаме законска обврска и постапуваме и стапуваме во контакт со жртвата од семејно насилство. До 30 ноември годинава имаме 89 пријави за семејно насилство и родово базирано насилство. Најчесто жртви се жените или девојките. Од 89 случаи, во 30 случаи се поднесени прелог-мерки до основниот суд во Прилеп за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство. Споредено со последните две години, бројките се помали. Во 2021 имавме евидентирано 150, а лани 140 пријави. Сакаме да веруваме дека намалените бројки се поради нашето дејствување, но сѐ уште има стигми за да се пријави. Затоа ги охрабруваме жртвите да пријавуваат, да се подигне свеста и да се дејствува институционално, да се одлучат за поведување судски постапки зашто засега бројот е мал, вели Гордана Велјаноска, педагог во Центарот за социјални работи во Прилеп.

Законот е нов, ги опфаќа сите области на насилството за санкционирање. Недостасуваат шелтер центри, а видовите насилства подеднакво демнат, заедно со електронското.

- Новиот закон за заштита од насилство врз жени, семејно насилство и родово базирано насилство е од 2021 година. Значително е подобрен од стариот закон и ги дефинира и ги детектира повеќето форми на насилство кои претходно не беа опфатени. Сите видови насилства ги има, но останува во најголемиот број семејното насилство, а повеќе од 90 проценти жртви се жените. Има колебања да се пријави насилникот, но во последно време значително повеќето жртви се осмелуваат да пријават насилство.  Дејствуваме мултисекторски, заедно со институциите и граѓанскиот сектор. Но недостасуваат шелтер центри, според нас само еден функционира во Струмица, во Пелагониско нема. И тоа тој што функционира работи со половичен капацитет, изјави Горан Илиоски, правен советник во невладина организација „ЕХО“ во Прилеп.

Од 2018 година, невладината организација „Ехо“ има формирано мултисекторски тимови во четири региони: во Штип, Струмица, во Прилеп и во Гевгелија.

Од 2018 до 2023 година преку моделот на „Ехо“ за мултисекторски пристап за ефикасна заштита на жени и девојки од насилство, како што информира Илиоски, се остварени повеќе од 3 500 услуги за 1330 случаи. Од нив, од септември 2022 година досега, во Прилеп се повеќе од 200 услуги за 52 жртви на насилство. Што се однесува до Шелтер центрите, според нас, нагласува Илиоски, треба да има во секој регион.Во Пелагонискиот регион ема, еден има во Струмица, но не сум сигурен, вели тој, за максималната искористеност на капацитетите. 

Од прилепската локална самоуправа апелираат на подигнување на свеста и пријавувањето на насилството.

- Токму подигнувањето на свеста да се застане на патот на насилството е и оваа работилница „Обединети против насилството врз девојчињатаи жените“ со што прилеп се вклучува во кампањата„16 денови активизам против насилството. Ги охрабрувае сите жртви да пријават какво било насилство, рече Александра Димова, советник во општонскиот Совет на Прилеп.

Со едноминутно молчење учесниците во работилницата против насилство и оддадоа почит на 14-годишната Вања Ѓорчевска. ем/цр

фото: МИА

 

 

Остани поврзан