• понеделник, 23 декември 2024

Работата од дома им даде поттик на нордиските економии

Работата од дома им даде поттик на нордиските економии

28 септември 2020

Ал Џезира, Сараево

Добро развиената дигитална инфраструктура им помогна на нордиските економии да ја пребродат пандемијата подобро од поголемиот дел од Европа.
Данска, Шведска, Финска и Холандија имаа најнапредни дигитални економии во Европската унија. Хелен Балфорс, раководител на проектот во норвешкиот конгломерат Оркли, работеше од дома подолго отколку повеќето нејзини колеги откако се врати од скијање во Италија во февруари, во време кога започна да се шири новиот коронавирус во Европа.
Таа е мајка на три деца и изјави дека некои менаџери, иако нејзината компанија секогаш охрабрувала добра рамнотежа помеѓу приватниот и деловниот живот, побарале од своите вработени да работат во канцеларија пред да започне пандемијата.
„Но, сега сфатија дека работата од дома функционира исто толку добро“, рече таа. „Ми требаше само еден дополнителен монитор и тастатура од канцеларијата, што ги добив за неколку дена“.
Добро развиената дигитална инфраструктура им помогна на нордиските економии да ја преживеат пандемијата подобро од поголемиот дел од Европа.
Британската економија се намали за околу една петтина во вториот квартал, Шпанија падна за 18,5 проценти, а еврозоната како целина 11,8 проценти.
Подобра дигитална инфраструктура
Од друга страна, БДП на Финска падна за само 4,5 проценти, додека Шведска и Норвешка забележаа нешто поголем пад од 8,3, односно 6,3 проценти. „Подобра дигитална инфраструктура значи дека можеме да работиме побрзо од дома. Инфраструктурата постои и ние сме навикнати да ја користиме “, рече Роберт Бергквист, главен економист во шведската банка СЕБ. „Тоа помогна во зачувување на производството и потрошувачката“. Данска, Шведска, Финска и Холандија имаа најнапредни дигитални економии во Европската унија во 2018 година, покажува истражувањето на Европската комисија, засновано на поврзаност, човечки капитал, употреба на Интернет и ширење на е-трговија.
Нордиските земји, седиштето на Ериксон и Нокиа, беа на врвот на Европа во однос на работата од дома и пред пандемијата.
Во првопласираната Шведска во 2019 година, нешто помалку од една третина од работниците работеле од дома, барем повремено, според Европската фондација за подобрување на условите за живот и работа Еврофонд (Eurofound). Просекот за ЕУ беше околу 10 проценти.
Долгорочните флексибилни работни практики, како што е дозволувањето на работниците да останат дома со болни деца и нагласувањето на здравиот баланс помеѓу животот и работата дадоа поттик за работа од дома.
Над европскиот просек
За време на пандемијата, околу 60 проценти од Финците можеа да работат од дома, речиси двојно повеќе отколку во Шпанија. Шведска и Данска се исто така далеку над европскиот просек кој изнесува помалку од 40 проценти, според податоците на Еврофонд. Ова е помогнато од високиот процент на работни места кои се потпираат на информатичката технологија и каде што е можна работа од дома, но и деловните субјекти и поединците реагираа брзо и го направија тој дигитален скок. Заедно со добро утврдени правила за работници со скратено работно време, ова значи дека работното време падна помалку отколку во поголемиот дел од Европа - за 4,2 проценти во Норвешка во вториот квартал на 10,7 проценти за еврозоната како целина, покажуваат податоците на Еврофонд.
Бидејќи работниците задржаа барем дел од своите приходи, трошоците за домаќинствата добро се држат.
Истражувањето на Еврофонд покажа дека речиси 70 проценти од Швеѓаните, Финците и Данците се оптимисти за својата иднина, наспроти само 45 проценти од граѓаните во остатокот од Европската унија. Нордиските економии се покажаа како поотпорни и покрај многу различните пристапи во борбата против коронавирусот.
Додека Шведска заземаше благ пристап, Норвешка, Данска и Финска воведоа построги мерки, а Финска го изолираше главниот град од остатокот на земјата.
Ова значи дека и други фактори играат важна улога. „Структурата на економијата е очигледен кандидат, додека многу земји од јужна Европа се повеќе зависни од туризмот“, рече заменик гувернерот на Риксбанк, Мартин Флоден овој месец.
Паѓање на цените на нафтата
Туризмот претставува нешто помалку од 15 проценти од БДП во Шпанија и Италија, двете економии кои се најтешко погодени од пандемијата, според податоците на Светскиот совет за патувања и туризам. Во Данска, туризмот учествува со 6,6 проценти во БДП, а во Норвешка 8 проценти. Норвешка, од друга страна, мораше да се справи со падот на цената на нафтата, а исто така беше сериозно погоден и шведскиот автомобилски сектор.
Но, силните јавни финансии им овозможија флексибилност на нордиските земји да се извлечат од проблеми со трошење. Норвешка се обрати до својот државен фонд, најголемиот во светот.
Според СЕБ, Нордијците издвоија износи во противвредност од околу 5,5 проценти од БДП за мерки за директна поддршка на економијата од буџетот, додека Французите издвојуваат 4,4 проценти, Шпанците 3,7 проценти и Италијанците 3,4 проценти. Но, великодушноста на државата не е сè.
Германија потроши повеќе, околу 8 проценти од БДП, но нејзината економија се намали за речиси 10 проценти во вториот квартал.
Аналитичарите предупредуваат дека конечната проценка на мерките на Владата и централната банка и последиците по здравјето и економијата ќе мора да почекаат со оглед на ризикот од втор бран на зараза и долгорочните цели на многу програми за трошење. Работата од дома, сепак, ќе продолжи.
Балфорс рече дека многу луѓе сега се прашуваат зошто треба да поминат цел ден патувајќи во Норвешка за да се сретнат со претставници на нејзината компанија кога има технологија со која состаноците можат да се одржуваат од далечина.
„Тоа ќе го промени начинот на кој луѓето доживуваат да работат од дома. Јас сум апсолутно сигурна во тоа “, рече таа. паг/
     

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан