Пуштена во употреба нова улица во Струмица, ги поврзува стариот и новиот дел на градот
- Стариот и новиот дел на градот-населбата „Касарна“, од денеска се поврзани со уште една нова улица „Драгољуб Боцинов“. Таа е долга 270 метри со 2,5 илјади метри квадратни асфалт.
Струмица, 18 декември 2024 (МИА) - Стариот и новиот дел на градот-населбата „Касарна“, од денеска се поврзани со уште една нова улица „Драгољуб Боцинов“. Таа е долга 270 метри со 2,5 илјади метри квадратни асфалт.
За градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој изврши увид во завршните работи на асфалтирањето, оваа улица е отворање на целосно ново грло во градот, посебно во новиот дел.
-Тука живеат огромен број на семејства, наши сограѓани. Досега целиот сообраќај се одвиваше преку улиците „Моша Пијаде“ и „Атанас Јанев“ и навистина ги разбираме граѓаните кои побараа дополнително отворање и пробивање на улици. За овој проект како општина заедно со Бирото за рамномерен регионален развој одвоивме 8,3 милиои денари, рече Костадинов.
Според него, со изградбата на новата улица не завршуваат инвестициите во овој дел на градот. Со новиот предлог на Генералниот урбанистички план веднаш до новата улица било предвидено да има трговски центар на површина од 47 илјади метри квадратни. Но, како што рече струмичкиот градоначалник, на Струмица и е потребно зеленило и затоа во јануари или февруари следната година се очекува да се избере изведувач на работите за новиот парк во Струмица и во март да започне изградбата. рт/са/
Фото: МИА