• сабота, 18 мај 2024

ПССЕ ќе расправа за барањето на Косово за членство

ПССЕ ќе расправа за барањето на Косово за членство

Стразбур, 16 април 2024 (МИА) - Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска во Стразбур ќе расправа за препораката за прием на Косово во членството на таа паневропска организација.

Пред пратениците ќе се најде предлог мислењето за барањето за членство на Косово, со кое се препорачува влез на Косово во Советот на Европа.

Документот подготвен од грчката пратеничка Дора Бакојани беше усвоен на 27 март од Комисијата за политички прашања и демократија на ПССЕ.

Доколку Парламентарното собрание на Советот на Европа го усвои Мислењето, конечната одлука за членството на Косово ќе ја донесе Комитетот на министри на Советот на Европа кон средината на мај.

Нацрт-документот денеска ќе го разгледаат пратениците од 46-те земји-членки на Советот на Европа
Комитетот го поздрави како „голем чекор“ неодамнешното спроведување на пресудата на Уставниот суд на Косово од 2016 година, со која се призна сопственоста на 24 хектари земјиште на манастирот Високи Дечани.

Враќањето на земјиштето во манастирот Високи Дечани беше еден од трите услови за влез на Косово во Советот на Европа. Останува формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) и прегледот на контроверзните експропријации во општините со српско мнозинство на Косово, вклучително и имотот на Српската православна црква.

Тие два услови се означени во нацрт Мислењето како „постпристапни обврски на Косово“, што Приштина мора да ги исполни по приемот во Советот на Европа, јави Бета.

Во документот се наведува дека формирањето на ЗСО ќе помогне да се обезбеди заштита на правата на косовските Срби и дека ПССЕ треба да очекува Приштина да преземе „суштински и конкретни чекори“ за нејзино воспоставување.

Кога станува збор за експропријациите, Комитетот посочи дека тие треба да се спроведат „со најстрого почитување на законот“ и во целосна согласност со планот на Марти Ахтисари.

Констатирајќи го влошувањето на безбедносната состојба во општините на северот на Косово, Комитетот посочи дека „ризикот од отворено насилство во Косово е многу реален“ и додаде дека безбедноста зависи од „заштитата на правата на српската заедница, деескалација на тензиите и нормализација на односите меѓу Косово и Србија“.

Косово аплицираше за членство во СЕ во мај 2022 година. Во март 2023 година, Советот на Европа одлучи да ја проследи апликацијата на Косово до Парламентарното собрание на таа организација. зш/

Остани поврзан