Протокол за соработка на библиотеките од Охрид и од хрватскиот град Нашице
- Документот што ќе биде потпишан утре предвидува соработка во подобрување на научните, стручните, образовните, издавачките и културните активности во рамките на спроведувањето на работните програми на двете институции.
Охрид, 19 јуни 2025 (МИА) – Библиотеките „Григор Прличев“ од Охрид и Градската библиотека од Нашице – Република Хрватска ќе потпишат Протокол за соработка.
Документот што ќе биде потпишан утре предвидува соработка во подобрување на научните, стручните, образовните, издавачките и културните активности во рамките на спроведувањето на работните програми на двете институции. Како можни форми на соработка во иднина се посочени размена на знаења и искуства, размена на публикации и други материјали, заедничко користење човечки и технички ресурси и заедничка организација на научни и стручни програми, проекти од други меѓународни фондови, како и промотивни активности.
По потпишувањето на протоколот во просториите на Градската библиотка во Охрид ќе следува и промоција на книгата „Македонија така далечна, а така блиска“ од авторот Драгољуб Сиљаноски, преку кого се реализира идејата за збратимување на двете библиотеки. Промоцијата е поддржана од Хрватско – македонската заедница во Охрид, а изданието е печатено со финансиска поддршка на Советот за националните малцинства на Република Хрватска.
Авторот на книгата Сиљаноски е роден 1961 година во Кичево. Дипломирал на Економскиот факултет во Осијек. Од своето доаѓање во Хрватска, во 1972 година, па сé до денес, живее и работи во Нашице. Активно учествува во работата на македонските друштва во Осијек и Загреб, член е на Македонското културно друштво „Браќа Миладиновци“ од Осијек, член е на одборот на претставници на македонското национално малцинство во Република Хрватска, а претставник е на македонското национално малцинство за Осијечко-барањската жупанија. аб/са/
Фото: МИА