• понеделник, 23 декември 2024

Протести на новинарите во Бања Лука поради најавата за криминализација на клеветата

Протести на новинарите во Бања Лука поради најавата за криминализација на клеветата

Бања Лука, 14 март 2023 (МИА) -  Пред Народното собрание на Република Српска денеска спонтано се собраа новинари, во знак на протест против најавеното криминализирање на клеветата во тој ентитет на Босна и Херцеговина.

Во знак на протест, новинарите се залепија ленти преку устите и кршеа моливи.

Протестот се одржува пред почетокот на собраниската расправа за предлог-измените на кривичниот законик на РС со пропишани големи казни за клевета.

Новинарите потенцираа дека ќе ги објават имињата и презимињата на сите пратеници кои ќе кренат рака за да ја криминализираат клеветата и навредата.

Претседателот на Клубот на новинари од Бања Лука, Синиша Вукелиќ изјави дека новинарите им ги оставиле моливите на пратениците за самите да продолжат да се занимаваат со новинарство, бидејќи со усвојување на ваков репресивен закон ќе се згасне новинарството.

- Ги повикуваме пратениците да гласаат според нивната совест, а не според нивната партиска припадност, рече Вукелиќ и додаде дека премиерот на РС, Радован Вишковиќ и самиот признал дека законот е лош, но дека, и покрај тоа, е доставен на јавна расправа.

Националното собрание на РС, кое денеска ја започна седницата во Бања Лука, ќе го разгледа предлог-законот со кој ќе се овозможи враќање на клеветата и навредите во Кривичниот законик на РС, со предвидени драконски казни за такви дела, дури и до 60.000 евра.

Владејачката коалиција во РС ги повика новинарите да учествуваат во јавната дискусија за овој закон, но новинарите велат дека јавната дискусија е беспредметна доколку во текстот остане криминализацијата на клеветата и навредата. ссм/

Остани поврзан