• понеделник, 23 декември 2024

Пропаѓаат старите куќи во историското штипско Ново Село

Пропаѓаат старите куќи во историското штипско Ново Село
Штип, 30 јануари 2022 (МИА) - Даски покриени со камења и снег, наместо  споменици на една бурна историја. Ова се остатоци од неколку куќи во штипско Ново Село, заштитени со закон што ги изеде времето и негрижата на институциите. Жителите на штипско Ново Село подолго време алармираат дека опасност по нивното здравје се старите куќи, во кои има безброј приказни. Во нив се родени околу 50 македонски познати научници, лекари, војводи, комити, револуционери, но и атентатори. Кога поминувате низ штипско Ново Село секоја куќа, сокаче има своја приказна. Токму оваа куќа стара над 300 години во секој момент може да се урне и да падне во дворот на Ленче Ѓеоргиева. Објектот иако евидентиран како културно наследство е во фаза на распаѓање и сега е само бледа слика на некогашниот сјај. По  секоја најава за невреме семејството Ѓеоргиеви стравува за сопствените животи. -Секој момент од невреме може да се урниса и да падне и да ми направа огромна штета. Еве каде ни е кровот. Ќе падне врз него, а и дворот цел ќе се наполни со камења. Видете колку сме блиску! Страшно е да живееме овде, посебно во задниот дел од куќата,ама што да правеме, не можеме ние ништо, вели  Ѓеоргиева. Појаснува дека пред три години дел од руинираниот објект се урнал и завршил во дворот и спалната соба. За среќа не биле дома. Неколку пати ја информирале и  општината. - Имаме пријавувано повеќе пати. Една власт, друга власт. Ветуваат дека ќе дојдат ќе го решат проблемот, но само празни ветувања.Не советуваа да им кажеме на газдата, ама сега и тој почина. Каде сега да тражеме чаре? Нема каде!, рече Ѓоргиева. Со години се губи сјајот на оваа стара штипска населба. Но, пред еден месец заврши валоризацијата на куќите во Ново Село. Директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град-Штип, Митко Штерјов појаснува дека валоризацијата ќе значи заштитата на автентичната староградска архитектира и да се вклопи и во Деталниот урбанистички план(ДУП), како и во  Генерален урбанистички план(ГУП). -Така да сите куќи што се заштитени, односно Ново Село е заштитен како целина и сите куќи, целата населба се става под заштита и сите куќи кои со текот на времето ќе се реконструираат, секој објект, што ќе се прави ќе ја има онаа потребна заштита и ќе биде вклопен во урбанистичкиот план, вели Штерјов. Со валоризацијата се знае секоја куќа колку може да чини, до каде може да се изгради, колку може да се реконструира, потоа да се креваат и спратови или како да се заштитуваат фасадите. Немањето пари е причина за пропаѓање на старите куќи. Повеќето од старите куќи во Штип, особено во штипско Ново Село се во приватна сопственост. За реконструкција потребно е самите сопственици да одвојат финансиски средства, но и да изготват проект, што ќе го приложат до Општината. Според нив, причина за состојбата на распаѓање на куќите е и комплицираната постапка. Според директорот на НУ Завод и Музеј, Митко Штерјов, најчесто проблем се финансиските средства. -Таа процедура е многу едноставна. Меѓутоа, пак ќе потенцирам дека тоа се приватни куќи и вообичаено луѓето сакаат да направат нешто повеќе, а не да го зачуваат ликот и процедурата, односно законските регулатива според кои има одредено што сè треба да содржи реконструкцијата на една куќа. Инаку, постапката е многу едноставна. Тие само поднесуваат барање до Управата, а таа се обраќа до НУ Завод и Музеј Штип, каде што ние ги даваме условите и само треба да направат проект за реконструкција. За таа постапка може да поминат неколку денови, најмногу до еден месец. Меѓутоа, главното е тоа што сопствениците треба да направат проект со кој ќе се обратат до Општината. Проблемот е и во средствата, бидејќи тоа се приватни куќи и секој работи врз основа на својот буџет, вели Штерјов. Надлежните од штипскиот Музеј ја следат состојбата на секоја од куќите за да не дојде до нивно рушење врз минувач или возило. Штерјов вели дека во Штип нема ваква ситуација, но во случај да дојде до истата, штетата ќе биде на товар на сопствениците, бидејќи тоа се приватни куќи и обврската за одржување на истите е нивна, според него, општината нема одговорност во такви случаи. -Ако навистина дојде до тоа, тоа е обврска на сопствениците, бидејќи тоа се приватни куќи, а не се под надлежност на државата или на НУ Завод и Музеј Штип. Оној кој ја поседува има и обврска. Ако е споменик на културата, тој како сопственик има обврска врз основа на препораките од Општината. Одговорноста секогаш ќе биде на оној кој е сопственик. Ние како институција може само да даваме насоки, а некогаш сме и преблаги во тој дел, додава Штерјов. НУ Завод и Музеј Штип како надлежна институција со вработени стручни лица може да помогне во изготвувањето на проектот, но иницијативата треба да дојде од сопствениците. Во штипско Ново Село има барем десетина куќи кои веднаш бараат реконструкција, но за нов лик на оваа славна населба ќе треба соработка помеѓу Општината и сопствениците, а и финансиски средства, бидејќи станува збор за поголема инвестиција. Приказната за штипско Ново Село треба да ја продаваат сите институции. Старата штипска населба Ново Село е позната  како револционерен центар и по учителствувањето на Ѓорче Петров, Петар Поп-Арсов, Дамјан Груев и Гоце Делчев. Овде на мостото на реката Брегалница е снимен и филмот „Господ постои, името и е Петрунија“ на сестрите Лабина и Теона Митевски. Филмото е  инспирирана од 31-годишната Борислава Васкова која го фати крстот на Водици, по што имаше инцидент. Пред овој филм, овде се снимени и сцени од Среќна нова ’49. Македонски филм од 1986 година режиран од Столе Попов. Овој филм се смета за едно од најуспешните македонски  филмски остварувања и е единствениот македонски фил покрај „Црно семе“ на Кирил Ценевски, што е избран да биде Југословенски кандидат за Оскар. Но според Штерјов, за да се продаде оваа приказна за Ново Село  потребно е да соработуваат повеќе институции. Една институција не може да го направи тоа, но преку заедничка соработка може да се искористи потенцијалот на Штип. -Сакаме да соработуваме со сите институции, бидејќи тоа со такви историски содржини и личности од штипско Ново Село треба да го искористиме. Тоа е бенефит на нашиот град за да можеме да ги пренасочиме и приватните финансиери, државните финансии и меѓународните проекти, да одиме на тоа дека во еден град има толку многу содржини и многу личности коишто придонеле и за развојот на државата. Историски гледано, го имаме првиот епископ, првите премиери. Навистина, Ново Село покрај историскиот аспект, го има и материјалниот амбиент. Се трудиме ние колку можеме во тој дел, но треба една соработка помеѓу сите институции, државните, приватните компании, невладините организации, како и ИПР. Сите заедно треба да се пренасочиме во тој дел, бидејќи не само Ново Село, ние го имаме и Исарот, вели Штерјов. Автентичната македонска куќа има свои особености кои ја карактеризираат. Староградскиот стил од 19 век ги прави посебни и уникатни и како такви зрачат не само во Штип и штипско Ново Село, туку и во другите градови низ државата. Сепак, токму поради специфичните прописи за тоа како треба да изгледа една стара куќа, тешко оди процесот на реконструкција. -Тоа е староградски стил од крајот на 19 век и почетокот на 20 век. Во Ново Село, па и во повеќе градови во државата карактеристиката е таа што во долниот дел се изградени со камен, а горниот дел е со дрво. Има карактеристични сводови, карактеристични прозори, капаци на прозорите. Меѓутоа, тешка е одржливоста на старите куќи, бидејќи токму таа градба ја прави тешка реконструкцијата, појаснува Штерјов. НУ Завод и Музеј Штип има изготвено проект и за целосна реконструкција на тврдината Исар, како и проекти за Саат кулата, Хусамедин Пашина Џамија, локалитетот Баргала и Уметничката галерија Безистен, кои се културни споменици на градот. Сепак, за реализација на истите потребни се финансиски средства. Викторија Димитрова-Јованова

Остани поврзан